ПОЛИТИКА
Издаден налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради наводни воени злосторства во Појасот Газа. Судот исто така издаде налози за поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и командантот на Хамас, Мохамед Даиф, за кого израелската држава тврди дека бил убиен во Газа пред неколку месеци. Израелската влада повеќепати ги негираше обвинувањата и изјави дека нејзините операции против Хамас - кој САД го прогласија за терористичка организација - се во согласност со меѓународните закони.
Русија лансира експериментални балистички ракети
Тензиите во руско-украинскиот конфликт продолжуваат да растат. Украина соопшти дека Русија лансирала нов вид балистичка ракета, а Русија и САД дека тоа била експериментална балистичка ракета со среден дострел.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова е „очигледно и сериозно зголемување на размерите и бруталноста на војната“. Во телевизиска изјава, рускиот претседател Владимир Путин го оправда нападот како одмазда за украинската употреба на американски и британски проектили на руска територија претходно неделава. Да потсетиме, украинските сили на 19 ноември за првпат употребија американски ракети со долг дострел за напад на воена база во Русија.
Москва потоа го намали прагот за користење нуклеарно оружје. Со други зборови, Путин ќе го стави нуклеарното оружје на преговарачка маса за Украина, а германскиот канцелар Олаф Шолц го повика минатата недела за да го испита неговиот став за можните преговори.
„Сегашната ситуација го става Путин во големо искушение за дополнителна ескалација“, посочи Татјана Становаја од центарот Карнеги за Русија и Евроазија, преку социјалната мрежа X. Таквиот потег, вели таа, ќе им овозможи и на Путин и на Трамп да ја префрлат вината за ескалацијата на конфликтот на Бајден, што би создало можност за директни преговори.
ЕКОНОМИЈА
Крипто на крилата на новата американска влада
Биткоинот во петокот „флертуваше“ со психолошкиот праг од 100.000 долари вредност на еден токен, поттикнат од очекувањата поврзани со новите американски прописи - пријателски настроени кон криптовалутите, како и со зголемувањето на интересот меѓу инвеститорите благодарение на поддршката на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Најголемата дигитална валута се тргуваше за 98.944 долари во петокот во 5.13 часот во Лондон, откако претходно достигна рекорд од 99.368 долари.
Да потсетиме, криптопазарот напредуваше во целост за околу билион долари од победата на Трамп на изборите на 5 ноември. Останува да се види како неговата победа ќе влијае на американските инвестиции во регионот Адрија.
Дали пропаста на „Нортволт“ е закана за пазарот на ЕВ
„Нортволт“ (Northvolt AB) поднесе барање за заштита од банкрот во САД, откако шведскиот производител на литиумски батерии очајнички се обиде да обезбеди средства за своето спасување. „Нортволт“ снабдува компании што произведуваат електрични возила (ЕВ), така што е прашање како оваа ситуација ќе се одрази на целиот пазар. Компанијата планира реструктурирање во согласност со поглавјето 11 од законот за стечај, се наведува во соопштението издадено во четвртокот. „Нортволт“ имаше околу 30 милиони долари достапни пари и 5,84 милијарди долари долг, се наведува во поднесокот.
Американската компанија „Форд“ (Ford) пред два дена најави укинување на околу 14 отсто од работните места (4.000) во Европа, обвинувајќи ги за тоа загубите што ги бележи последните неколку години поради слабата побарувачка за електрични возила, но и поради слабата владина поддршка за премин на ЕВ. Исто така вели дека не успева да се справи со субвенционираната кинеска конкуренција. Ова укинување претставува околу 2,3 отсто од вкупната работна сила на „Форд“, кој има 174.000 вработени. Отпуштањата ќе бидат главно во Германија и во Велика Британија. Да потсетиме и дека „Форд“ е последната во низата компании што на тој начин ги намалуваат трошоците; претходно кратења направија „Нисан“ (Nissan), „Стелантис“ (Stellantis) и „Џенерал моторс“ (GM), пренесе „Блумберг“.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции претежно се тргуваат во зелено, а така беше и во четвртокот на затворањето на берзите. Најголем раст забележаа лондонскиот индекс FTSE и германскиот DAX.
САД
Од другата страна на океанот, фјучерсите на американските акции се тргуваат во црвено. Приносите на државните обврзници паднаа за два базични поена, додека доларот продолжи да расте трет ден по ред. Американскиот долар порасна за повеќе од два отсто месецов. Претседателот на Федералните резерви (Фед) во Чикаго, Остин Гулсби, изјави дека гледа мало намалување на каматните стапки, верувајќи дека инфлацијата се движи кон целта на Фед.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие претежно се тргуваат мешано. Индексите во континентална Кина и Хонгконг паѓаат, бидејќи сè уште постои загриженост за економските изгледи поради сè поголемата закана од построги царини за време на претстојниот мандат на новоизбраниот претседател на САД.
Нафтата бележи неделен напредок, додека војната меѓу Русија и Украина ескалира. Брентот во петокот се тргуваше над 74 долари за барел, што е повеќе од четири отсто за една недела, а вредноста на нафтата ВТИ (WTI) беше близу 70 долари.