Огромните залихи на зрна кафе во Виетнам се намалуваат, феномен што уште повеќе ќе го поттикне растот на светските цени.
Залихите ќе се преполоват во однос на една година претходно до крајот на септември, според просечната проценка во анкетата на Bloomberg, спроведена меѓу трговците. Производството од Виетнам, најголемиот светски снабдувач на сортата робуста и втор најголем производител на кафе, исто така се очекува да опадне во 2022-2023 година.
Смалувањето на залихите и лошите изгледи за жетвата доаѓаат откако глобалната потрошувачка на кафе закрепна од падот предизвикан од пандемијата. Референтните цени на робуста се зголемија за 17 отсто од 10-месечен минимум во средината на јули, поради загриженоста за снабдување од Бразил и Африка.
Робуста, која се користи од производители на инстант кафе, вклучувајќи го и „Нестле“ или се користи како мешавина во еспресо, расте во популарност. Оваа сорта, вообичаено поевтина од арабика, е многу барана бидејќи луѓето бараат алтернативи за да го ублажат влијанието на зголемената инфлација.
Во Австралија, позната по снобизмот за кафе, супермаркетот „Колс груп“ порача дека кафето во неговите продавници по цена од еден австралиски долар „никогаш не било попопуларно“. Тоа е моќна промена во навиките на купувачите од земјата која се гордее со своите со кафулиња и каде што луѓето често трошат пет австралиски долари за „рамно бело“.
Достапноста на зрната кафе во Виетнам опадна бидејќи испораките се зголемија за 17 отсто на 1,13 милиони тони во периодот јануари-јули во однос на претходната година, според податоците на царината. Зголемувањето на извозот е поддржано со подобрување на понудата на контејнери и бродови, но може да биде тешко да се одржи со оглед на намалувањето на залихите.
„Загрижени сме поради можниот недостиг на почетокот на ноември“, вели Фан Хунг Ан, извршен директор на „Куанг Мин Кафе Трејдинг АД“ во јужната провинција Бин Дуонг. Локалните одгледувачи веројатно ќе задржат само околу два отсто од своето годишно производство, споредено со околу 13 проценти една година претходно, рече тој.
Глобалниот пазар на кафе се соочува со еден од најголемите дефицити во последно време, откако сушата и мразот го намалија производството во Бразил. Колумбија се бори да се опорави од дождовите што ги оштетуваат земјоделските култури, додека Хондурас, Гватемала и Никарагва се без залихи од жетвата 2021-2022 година. Приносот на Костарика за следната сезона покажува знаци на стрес, а сушата ги намали приносите на робуста во Уганда.
„Значаен ризик“
Падот на виетнамските резерви ги придвижи домашните цени на робуста во провинцијата Дак Лак, која сочинува околу една третина од жетвата во земјата, на рекордни 49.100 донга (2,09 долара) по килограм минатата недела.
Се проценува дека залихите ќе бидат 200.000 тони на почетокот на новата сезона на 1 октомври, во споредба со околу 400.000 тони една година претходно, според истражувањето. Производството би можело да падне за шест отсто на 1,72 милиони тони во 2022-2023 година, покажува истото истражување. Сортата робуста сочинува околу 90 отсто од производството на кафе во Виетнам.
Намалувањето на површината за садење на „профитабилни“ култури и порастот на цените на ѓубривата веројатно ќе влијаат на производството во 2022-2023 година, вели До Ха Нам, претседател на групацијата „Интимекс“ и заменик-шеф на Виетнамската асоцијација за кафе и какао.
„Ситигруп“ ја намали својата проекција за производството на кафе во Виетнам за оваа и следната година, бидејќи истражувањата на локалните посеви покажаа дека одгледувањето годинава страда од недостаток на ѓубрива. „Ова претставува значителен ризик за изгледите за претстојната сезона на садење“, се вели во извештајот објавен претходно месецов.