Први септември не само што го означува стартот на новата учебна година, туку и стартот на утрешното европско првенство во кошарка (Евробаскет). Тоа ќе биде едно од најсилните првенства на стариот континент досега, со најголем број играчи од НБА лигата и секако со најсилниот словенечки тим досега, кој влегува во најтесниот круг на фаворити.
Овогодинешниот Евробаскет ќе се одржи во Германија, Чешка, Италија и Грузија од 1 до 18 септември, а особено интересни на турнирот се репрезентациите од регионот Адрија. Во последните сезони европските кошаркари доминираат во НБА лигата, а оваа година на поканите се одзваа сите најголеми ѕвезди, освен повредените.
Тројца од петмина кошаркари избрани на минатогодишното гласање за најкорисен играч (МВП) во сезоната беа од европски репрезентации. Покрај победникот Никола Јокиќ, во елитното друштво беа и Словенецот Лука Дончиќ и Гркот Јанис Антетокунмпо.
Српската репрезентација конечно го убеди Никола Јокиќ да го облече репрезентативниот дрес на најголемото континентално натпреварување. И без Јокиќ, српската екипа би била многу силна на сите позиции, но со доминантен центар со префинето чувство за додавање и шутирање кошеви од полудистанца ќе биде уште поопасна.
Истото важи и за Словенија, која (можеби за последен пат) смета на ударното дуо Горан Драгиќ и Лука Дончиќ. Потоа е Грција со Јанис Антетокунмпо, физички веројатно најдоминантниот кошаркар во светот, како и Франција со Руди Гобер.
Јокиќ потпиша рекорден договор, но Јанис и натаму е пред него
Истражувавме кои се најплатените кошаркари на Евробаскетот. На врвот го нема Јокиќ, иако го потпиша најпрофитабилниот договор во историјата на НБА, кој во пет години ќе му обезбеди 264 милиони долари. Следната година Јокиќ сепак ќе игра за сумата од стариот договор, па неговата годишна плата ќе биде 33 милиони долари.
На врвот на листата е Јанис Антетокунмпо, кој минатата година со „Милвоки Бакс“ ја освои шампионската титула во НБА. Многу стручњаци го сметаат за најкомплетниот кошаркар на неговата генерација. Јанис заработува 42,5 милиони евра годишно. Зад него се Гобер со 38,1 милиони евра и Дончиќ кој во следната сезона ќе заработи 37,1 милион долари.
Од 30-те најплатени кошаркари кои ќе играат на Евробаскетот, секако во водство се кошаркарите од НБА-лигата бидејќи разликата во платите во однос на Евролигата е огромна. Најплатениот кошаркар од Евролигата е дури на 22. место, а станува збор за Американецот Шејн Ларкин кој ќе игра за Турција, а настапува за Анадолу Ефес од Истанбул.
Третина од елитата доаѓа од регионот Адрија
Нè интересираше и како стојат кошаркарите од регионот Адрија во однос на платите во поширок европски контекст. Меѓу првите десет се тројца, Дончиќ, Јокиќ и Бојан Богдановиќ, меѓу првите 20 се пет, а меѓу првите 30 единаесет. Ова е јасен показател за респектабилноста на балканската кошаркарска школа - кошаркарите од регионот се на самиот врв на најплатени спортисти, како во НБА, така и во Евролигата.
По заработката во наредната сезона, има 38,7 милиони долари разлика помеѓу Антетокунмпо и Ларкин. Просечната плата на сите кошаркари во избраните триесет во новата сезона ќе изнесува 11,92 милиони долари, а вкупно ќе заработат 357,7 милиони долари.
Покрај Дончиќ, Словенија на листата го има и Влатко Чанчар, кој со 2,2 милиони долари годишно влезе во задниот дел на листата од триесет. Од регионот предводи Србија, а на Јокиќ друштво му прават Алексеј Покушевски, Василије Мициќ и Никола Милутинов. Хрватска ја претставуваат Бојан Богдановиќ, Ивица Зубац и Дарио Шариќ, додека претставник на Босна и Херцеговина е Јусуф Нуркиќ. Македонската кошаркарска репрезентација не се пласираше на турнирот.
И покрај тоа, Евробаскетот ветува првокласен кошаркарски спектакл со дополнителни возбудувања бидејќи централните улоги ќе ги имаат кошаркари од регионот.