„Блумберг Адрија“, како прва мултиплатформска мрежа за деловни вести во Југоисточна Европа, која работи под лиценца на светскиот бизнис лидер во областа на медиумите, престижниот бренд Блумберг, беше претставена пред бизнис заедницата во Босна и Херцеговина. На настанот во Сараево синоќа присуствуваа бројни претставници на деловната, политичката и културната заедница во земјата. Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, честиташе за реализацијата на проектот, додавајќи дека овој проект и е многу потребен на бизнис заедницата.
„Колку и да сакаме да се затвориме во нашите граници и со нашите политики, нашите деловни луѓе мора да излезат на пазарот и да се борат против конкуренцијата. Тие излегуваат од нивната комфорна зона кога ќе се појават на меѓународниот пазар. Но, за нивниот излез да биде успешен, мора да ги имаат вистинските информации. На овој простор се појави некој кому му се верува во светот и Bloomberg Adria е медиум на кој ќе му се верува и мило ми е што вие од бизнис заедницата сте овде. Вие сте подобар дел од ова општество и сега ќе имате место каде што ќе најдете вистинската информација“, рече Тегелтија.
„Ја истражувавме бизнис заедницата, сакавме да научиме што ви треба, какви информации ви недостигаат и соодветно го дизајниравме овој проект. ’Блумберг Адрија’ треба да стане вашата безбедна комуникациска зона. Она што ви треба, а тоа го покажаа сите истражувања е место каде што се зборува вашиот јазик, каде што слободно зборувате за вашите деловни планови и резултати. Градиме простор каде што ќе се чувствувате безбедно и ќе комуницирате важни работи за вашиот бизнис. Ќе продолжиме да го шириме нашиот тим од 130 луѓе. Ние сме дел од големото семејство на Блумберг и сакаме овој дел од деловната заедница да го доближиме до светските стандарди“, изјави Русмир Нефиќ, член на Одборот на директори на „Блумберг Адрија“.
Весна Дамјаниќ, главен и одговорен уредник на телевизијата „Блумберг Адрија“, истакна дека тимот секојдневно, во текот на денот, презентира вести и анализи и се обидува да даде поширок контекст на глобалните и домашните настани, кои се важни за бизнис заедницата во регионот.
„Се обидуваме да видиме како да и помогнеме на деловната заедница и на поширокото општество преку вестите што ги избираме, темите што ги покриваме и која е додадената вредност што ќе ја видите, слушнете и дознаете во нашата програма, која не можете да ја добиете во мејнстрим медиумите. Секако тоа го правиме со надеж дека тоа ќе ви биде корисно при донесување на вашите деловни одлуки. Правиме по 15 интервјуа дневно во 5 земји, со луѓе кои не се присутни во други медиуми и сакаме нивниот глас да се слушне и затоа луѓето одлучуваат да не гледаат. Создаваме содржини за луѓе кои знаат што сакаат, кои се многу зафатени и преку една од нашите 30-минутни емисии ги пренесуваме низ целиот регион и даваме поголема слика“, рече Дамјаниќ.
Даниел Фазлиќ, главен и одговорен уредник на дигиталната платформа, рече дека ова е голем чекор напред за сите, бидејќи пет различни тимови, размислувања и ставови требаше да се обединат во еден начин на размислување според стандардите на Блумберг.
„Успеавме да ги координираме вестите во целиот регион, на тој начин што сите новинарски производи и интервјуа се гледаат во целиот регион. Не само што успеавме да ја стандардизираме содржината, туку и да ја подобриме со графиката на ’Блумберг’ и мислењата на аналитичарите“, истакна Фазлиќ.
„Блумберг Адрија“ ја претставува регионалната соработка помеѓу „Блумберг медија“ (Bloomberg Media) и „Мтел Свис“ (Mtel Swiss) - радиодифузер во мнозинска сопственост на Телеком Србија. Повеќе од 130 новинари, аналитичари, финансиски и други експерти секојдневно носат деловни и финансиски вести и анализи во редакциите во Белград, Загреб, Љубљана, Скопје и Сараево.
„Блумберг Адрија“ ја користи силата на 2.700 новинари и аналитичари на „Блумберг њуз“ (Bloomberg News) од 120 земји и создава содржина што комбинира локално известување со опширно покривање на економиите и пазарите ширум светот. Се состои од преведени содржини на „Блумберг њуз“, како и свои извештаи, произведени во специјализирани уредувачки центри во пет земји.