Кина планира да лансира три мисии без екипаж на Месечината во следните 10 години, бидејќи се обидува да им конкурира на САД во новата ера на истражувања на вселената.
Кинеската Национална вселенска администрација, тамошниот пандан на НАСА, доби одобрение да испрати три сателити на Месечината како дел од програмата Chang'e, соопшти Лиу Џижонг, официјален претставник на Кинескиот центар за вселенски програми и истражување на Месечината.
Соопштението дојде еден ден откако Кина соопшти дека на Месечината открила нов минерал, преку примероци земени од нејзината мисија Chang'e-5. Наречен Changesite-(Y), државната новинска агенција „Ксинхуа“ (Xinhua) го опиша пронајдокот како вид на безбоен транспарентен кристал. Се вели дека содржи хелиум-3, изотоп за кој се шпекулира како иден извор на енергија.
Кина во последниве години ги засили своите амбиции во вселената, испраќајќи сонди на Месечината, градејќи сопствена вселенска станица и поставувајќи го својот фокус на Марс, планови што ја ставија во директна конкуренција со САД. НАСА има ровер на црвената планета и има намера повторно да испраќа астронаути на Месечината во текот на оваа деценија. Вниманието и на двете земји е насочено кон минералите на Месечината, а вселенските ископувања се очекува да бидат следната голема причина за тензии.
Двете страни разменија обвинувања во последниве недели, откако американската мисија „Артемис 1“ (Artemis I), првиот голем обид за враќање на Месечината по половина век, беше одложен. Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, ја обвини Кина за кражба на вселенска технологија, а земјата беше критикувана и поради вселенскиот отпад.
Основана во 2004 година, кинеската програма за истражување на Месечината го лансираше своето прво вселенско летало три години подоцна. Програмата Chang'e го зема своето име од кинеската божица на месечината, а неодамна беше фокусирана на собирање примероци од површината на Месечината. Програмата Chang’e-7 ќе го таргетира јужниот пол на Месечината, област која научниците сметаат дека е најдоброто место за наоѓање вода. И НАСА го таргетира тој дел од Месечината.
Кина има за крајна цел да изгради меѓународна истражувачка станица на Месечината, изјави во саботата владиниот претставник Лиу.