Рускиот претседател Владимир Путин најави дека ќе започне делумна мобилизација во Русија која ќе стартува денеска (21 септември), што дополнително ќе ги компликува односите меѓу Русија и западните сили поради војната во Украина. Мобилизацијата значи дека резервистите ќе бидат повикани да се пријават во армијата.
Во национално телевизиско обраќање во среда, Путин ги нарече своите потези „итни, неопходни чекори за одбрана на суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на Русија“ и додаде дека земјата се бори против целосната моќ на Северноатлантската алијанса. САД и нивните сојузници, рече тој, сакаат да ја уништат Русија.
„Сигурно ќе искористиме сè што ни е на располагање за да ја одбраниме руската територија“, рече Путин. „Ова не е блеф“, нагласи тој.
Делумната мобилизација значи дека резервистите ќе бидат повикани да служат во армијата, појасни Путин, а одлуката стапува на сила веднаш.
Русија и САД имаат убедливо најмногу нуклеарни боеви глави во светот, по Студената војна. Со зголемените тензии меѓу Русија и Западот, секогаш повторно се поставува прашањето за опасноста од нуклеарен конфликт, а Украина во неколку наврати ја обвини Русија за опасни напади врз нуклеарните централи на нејзина територија.
„Оние кои се обидуваат да нè уценат со нуклеарно оружје треба да знаат дека ветрот исто така може да се сврти во нивна насока“, рече рускиот претседател. Министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, подоцна потврди дека ќе бидат повикани дури 300.000 резервисти.