Извршниот директор на „Тесла“ (Tesla), Илон Маск, го навлече гневот на украинскиот претседател и народот со објави на „Твитер“ (Twitter) во кои ги повикува да најдат решение за руската инвазија и предлага конечно предавање на Крим.
Маск, исто така, на Twitter покрена анкета во која побара од граѓаните на окупираните области во источна Украина, кои неодамна ги анектираше Кремљ, и граѓаните на Крим, полуостров кој Москва го презеде во 2014 година, да одлучат дали сакаат да живеат во Русија или во Украина. Сето ова се случува во време кога Украина, Европа и САД остро го осудуваат обидот на рускиот претседател Владимир Путин да анектира четири украински региони и да ги прогласи за руска територија.
Во друга објава, Маск повика нелегалните референдуми што Русија ги спроведе на окупираните територии, кои доведоа до одлуката на Путин за нивна анексија, повторно да се одржат, но под надзор на Обединетите нации. Тој напиша и дека Крим треба формално да биде дел од Русија. Што се однесува до Украина, тој смета дека таа треба да „остане неутрална“.
Украина веднаш реагираше. Претседателот Володомир Зеленски објави анкета на својот профил на Twitter во која ги запраша следбениците дали претпочитаат таков Илон Маск кој ја поддржува Русија или кој е за Украина.
Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател, одговори дека веќе постои „подобар мировен план“ кој вклучува ослободување на териториите, но и на Крим.
Украинскиот дипломат во Германија, Андриј Мелник, не бираше зборови.
Маск подоцна му твитна на Зеленски, ја изрази својата поддршка за Киев, но кажа и дека се држи до својата оригинална идеја.
Во раните денови од војната, Маск ја снабди Украина со антени „Старлинк“ (Starlink), мрежа која се покажа како клучна поддршка за комуникациската инфраструктура низ Украина, запирајќи ги и дезинформациите од Русија.
Маск подоцна се пофали за тоа во твит: „Трошоците што SpaceX ги даде од својот џеб за воспоставување и поддршка на системот Starlink во Украина досега се околу 80 милиони долари. Нашата поддршка за Русија е нула долари. Очигледно, ние сме за Украина“.
Предлогот на Маск доаѓа во моменти кога украинската контраофанзива на југ се забрзува, откако нејзините сили ги вратија градовите на север и на исток кои беа под руска окупација. Украина е под зголемен притисок да ја врати територијата пред да пристигне зимата, а новомобилизираните руски трупи го прават напредокот сè потежок и поскап.
Американскиот пратеник Адам Кинзингер од Илиноис, републиканец на кој не му е грижа за реизбор, беше краток.