Европската унија го поддржа новиот, осми пакет санкции против Русија, кој вклучува и поддршка за ограничување на цената за продажба на нафта на трети земји.
Договорот вклучува и мерки за ублажување на влијанието што санкциите ќе го имаат врз земјите со големи бродски индустрии, како што се Грција, Кипар и Малта.
„Одобривме нов пакет санкции“, изјави за новинарите Анджеј Садос, амбасадор на Полска во ЕУ. „Ова вклучува ограничување на цената на руската нафта што се испорачува на трети земји и механизми за да се избегне заобиколување на санкциите“, додаде тој.
Санкциите, кои треба да стапат на сила в четврток, ќе го забранат поморскиот транспорт на руска нафта до трети земји, над горната граница на цената на нафтата, објави чешкото претседателство со ЕУ на „Твитер“. Оваа мерка ќе се надоврзе на забраната за увоз на стоки од Русија, вклучително и производи од челик, како и забраната за обезбедување ИТ, инженерски и правни услуги за руски субјекти, се вели во соопштението.
Пакетот ќе ја додаде забраната за испорака на руска нафта, на тековните ограничувања за услугите потребни за нејзин транспорт, но ќе обезбеди ослободување за нафтата со цена на или под нивото утврдено од Групата седум (Г7) и други земји, се вели во нацрт-предлогот во кој Bloomberg имал увид.
Поширок пакет санкции ќе биде насочен кон низа поединци и субјекти, вклучително и високи претставници на руски министерства и поединци вклучени во организирањето на неодамнешните референдуми.
САД со месеци се залагаат да го ослободат рускиот извоз на сурова нафта, плашејќи се дека сегашните санкции на ЕУ премногу тешко ќе ги погодат залихите на нафта.
Некои земји беа вознемирени бидејќи се чинеше дека најновите нацрт-санкции ослабуваат неколку предложени мерки, вклучително и отстранување на руска компанија за ископ на дијаманти од листата на санкции.
„Процесот беше тежок и моравме да се договориме за некои исклучоци, вклучително и црвените дијаманти“, рече Садос.
Со цел да се дозволи ограничување на цената на нафтата, блокот ќе мора да го промени тековното законодавство. Во јуни, земјите од ЕУ се согласија на целосна забрана за увоз на руска нафта по морски пат. Повеќето од тие забрани треба да стапат на сила на 5. декември.
Г7, која го усвои ограничувањето претходно овој месец, посочи дека сака договорот да биде на сила пред 5. декември.