Рускиот претседател Владимир Путин се закани со понатамошни ракетни напади врз Украина, откако Русија го гранатираше Киев и други украински градови во најинтензивниот бран на акции по првите денови на нејзината инвазија, што најавува нова опасна ескалација во војната.
„Доколку продолжат обидите за терористички дејствија на наша територија, одговорите од Русија ќе бидат остри и нивниот обем ќе одговара на нивото на закана за Русија“, рече Путин во телевизиски коментар од состанокот на неговиот Совет за безбедност во понеделникот. „Никој не треба да се сомнева во тоа“, додаде рускиот претседател.
Тој потврди дека „масовните напади“ извршени во понеделникот биле насочени кон енергетската и комуникациската инфраструктура во Украина, како и кон воените командни инсталации. Тие се случија еден ден откако Путин ги обвини украинските сили за саботната експлозија која го оштети патниот и железнички мост што го поврзува Крим со Русија, преку теснецот Керч.
Широката примена на огнена моќ предизвика негодување кај меѓународните лидери, кои сметаат дека нападот е значајна ескалација насочена кон цивилите и инфраструктурата во Украина. Лидерите на групата седум планираат в вторник да одржат итна видео конференција заедно со украинскиот претседател, Володимир Зеленски, за да се осврнат на нападот.
„Тие се обидуваат да нè уништат и да нè збришат од лицето на Земјата“, порача Зеленски преку својот канал на „Телеграм“, повикувајќи ги луѓето да останат во скривниците додека сирени за воздушни напади се огласуваат во секој регион на земјата, освен во окупираниот Крим. „За жал, има мртви и повредени“, посочи украинскиот претседател.
Русија изврши 83 ракетни напади врз Украина во понеделникот, лансирани од Астрахан во јужна Русија, од кои 43 беа пресретнати, изјави портпаролот на воздушната одбрана Јуриј Ихнат. Во нападот биле вклучени и ирански дронови Шахед-136, лансирани од Белорусија и Крим, соопшти војската.
Најмалку 10 експлозии биле пријавени во Киев. Руските сили продолжија со ракетни напади врз јужниот град Запорожје, соопштија локалните власти, а експлозии одекнале и во Одеса, Днепар и Лавов на западот на Украина, далеку од линиите на фронтот. Гувернерот на јужната област Миколаев, Виталиј Ким изјави дека најмалку 47 ракети биле истрелани од јужна Русија.
„За ваквите дејствија нема место во 21. век“, напиша на „Твитер“ шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, ветувајќи дополнителна воена поддршка. „Ги осудувам во најостра можна смисла“, порача тој.
Зеленски соопшти дека претходно разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц, чија земја претседава со Г7. Украинскиот лидер разговарал и со францускиот претседател Емануел Макрон во однос на воздушната одбрана на Украина.
Украина официјално не презеде одговорност за експлозијата на мостот на Крим, вреден повеќе милијарди долари, кој беше еден од носечките проекти на Путин и симбол на руската анексија на полуостровот на Црното Море.
Споредувајќи ја владата на Украина со „меѓународна терористичка организација“, Путин го обвини Киев за обиди за напади врз нуклеарната централа Курск, како и врз гасоводите.
Ракетните напади доаѓаат откако руското Министерство за одбрана го објави назначувањето на нов командант на силите во Украина, генералот на воздухопловните сили Сергеј Суровикин, по серијата неодамнешни воени промени. Во минатото тој ги предводел руските сили во Сирија, каде што трупите на Кремљ извршија бомбардирање што уништи голем дел од Алепо, вториот по големина град во земјата.