Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји потврди дека Европската комисија препорачала Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус. Советот на ЕУ, односно сите земји членки, во декември годинава ќе донесат едногласна одлука за кандидатски статус со услови.
„Доделувањето статус на земја кандидат е понуда од европска страна упатена до БиХ и народот на БиХ. Ние го правиме тоа за луѓето во БиХ, но потегот доаѓа со големи очекувања. Политичката елита мора да го направи тоа реалност“, посочи Вархеји.
Во препораката се наведува дека БиХ треба да преземе низа чекори:
- Приоритетно да се донесат измени на постоечкиот Закон за Високиот судски и обвинителски совет, со цел да се обезбеди неговиот интегритет;
- Да се донесе нов закон за Високиот судски и обвинителски совет и да се усвои закон за судовите во Босна и Херцеговина;
- Да се донесе закон за спречување судир на интереси;
- Да се преземат решителни чекори за зајакнување на превенцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал;
- Одлучно подобрување на работата за обезбедување на ефективна координација на сите нивоа кога станува збор за управувањето со границите и капацитетите - управувањето со миграцијата, како и обезбедување на функционирање на системот за азил;
- Да се обезбеди забрана на тортура, особено преку воспоставување национален превентивен механизам против тортура и малтретирање;
- Да се гарантира слободата на изразување и на медиумите, како и заштитата на новинарите, особено преку обезбедување соодветни судски постапки во случаи на закани и насилство врз новинари и медиумски работници;
- Да се обезбедат резултати во функционирањето на сите нивоа на механизмот за координација по прашањата за ЕУ, вклучувајќи го и развојот и усвојувањето на националната програма за усвојување на правото на ЕУ.
Борут Пахор, претседателoт на Словенија, беше меѓу првите со порака до Брисел за статусот на кандидат за Босна и Херцеговина.
„Се разбира, Босна и Херцеговина треба да ги исполни условите, но редот треба да биде поинаков - прво доделување статус, а потоа исполнување на условите. Тоа, според мене, би ги зајакнало проевропските сили во Босна и Херцеговина и динамиката на внатрешно прилагодување кон европските норми“, порача тогаш Пахор.
Слично мислење имаше и австрискиот канцелар Карл Нехамер, кој посочи дека во ЕУ не треба да има двојни стандарди и дека е незамисливо да ѝ се додели кандидатски статус на Украина, а Босна и Херцеговина да остане надвор од Унијата.
„Не смее да има двојни стандарди или кандидати од прва или втора класа“, рече Нехамер за „Велт“.
- Со помош на Нејра Џаферагиќ