Британската премиерка, Лиз Трас се извини за грешките во својата програма поради што спласна довербата на инвеститорите и нејзиниот рејтинг падна, но, истакна оти нема да отстапи од должноста.
„Сакам да ја прифатам одговорноста и да се извинам за сторените грешки“, нагласи таа за Би-би-си.
Како што истакна, сакала да дејствува и да им помогне на луѓето со нивните сметки за енергија, за да се справат со проблемот со високите даноци, но, оцени Трас, „отидовме предалеку и пребрзо“’.
Прочитај повеќе
40 милијарди фунти владина помош за британските фирми
Британската влада го претстави пакетот за финансиска помош вреден повеќе милијарди фунти
21.09.2022
Трас се откажа од намалување на даноците за најбогатите
Премиерката на Велика Британија се откажа од планот за намалување на даноците за најбогатите само 10 дена по објавувањето на ваквата мерка.
03.10.2022
Разрешен британскиот министер за финансии
Кваси Квартенг веќе не е британски министер за финансии.
14.10.2022
Даноците ќе растат - „Трасономикс“ заврши
Дел од даноците ќе мора да се зголемат, вели новиот министер за финансии
15.10.2022
Премиерката подвлече дека останува затоа што е избрана да работи за земјата.
„И тоа е она што сум одлучна да го направам“, додаде таа.
Министерот за финансии, Џереми Хант, именуван во петокот откако Трас го разреши нејзиниот близок сојузник Кваси Квартенг, ги отфрли останатите главни елементи од нејзината програма.
За само шест недели откако стапи на функцијата, економската политика на премиерката предизвика финансиска криза, итна интервенција на централната банка и бројни пресврти.
На 23 септември, министерот за финансии Квартенг го објави економскиот план што тој и Трас го подготвија. Вклучуваше 45 милијарди фунти даночни намалувања – вклучително и даночни намалувања за оние кои заработуваат најмногу – без придружна проценка за тоа како владата ќе плати за тоа.
По ваквите објави, фунтата падна на рекордно ниско ниво во однос на американскиот долар, а трошоците за задолжување на државата се зголемија.
Банката на Англија (BOE) беше принудена да се вклучи за да купи државни обврзници и да спречи финансиската криза да се прелее во пошироката економија. Централната банка, исто така, предупреди дека каматните стапки ќе треба да се зголемат уште побрзо од очекуваното за да се запре инфлацијата, која се движи на околу 10 проценти, оставајќи милиони сопственици на имоти да се соочат со зголемен хипотекарен долг.
Како што реакцијата стануваше посилна, Трас почна да исфрла делови од пакетот во обид да ги смири партијата и пазарите. Даночните намалувања за оние кои заработуваат најмногу беа напуштени за време на годишната конференција на Конзервативната партија кога партијата се побуни. Тоа не беше доволно. Во петокот, Трас го разреши Квартенг, нејзиниот долгогодишен пријател и сојузник и го назначи Џереми Хант, кој беше секретар за здравство и министер за надворешни работи во конзервативните влади на Дејвид Камерон и Тереза Меј.
Трас останува премиерка, но владината моќ се префрли на Хант, кој навести дека планира да укине голем дел од преостанатиот економски план кога ќе го достави својот буџетски извештај на 31 октомври. Тој рече дека зголемувањето на даноците и намалувањето на јавната потрошувачка ќе бидат неопходни за да се врати фискалниот кредибилитет на владата. Сепак, Хант инсистира дека Трас „и натаму е главна“.
„Таа слуша. Таа се смени. Таа е подготвена да го направи најтешкото нешто во политиката, а тоа е да го промени правецот“, изјави Хант за Би-би-си.
Конзервативната партија има големо мнозинство во парламентот и теоретски има две години до парламентарните избори. Последните анкети на јавното мислење покажуваат дека конзервативците ќе бидат „збришани“ на изборите и дека Лабуристичката партија ќе освои големо мнозинство.