Денеска Словенците бираат претседател. Тоа се смета за еден од првите тестови на владата на премиерот Роберт Голоб, кој ја презеде власта во мај.
Анкетите даваат предност на Анжи Логар, министер за надворешни работи во владата на Јанез Јанша. На второ место е политички независниот адвокат Наташа Пирк Мусар, а на трето Милан Брглеж, поддржан од партијата „Движење за слобода“ на актуелниот премиер Голоб.
Не се очекува дека некој од седуммината кандидати за претседател на Словенија ќе освои апсолутно мнозинство во првиот круг, така што многу веројатно е дека Словенците ќе го одберат својот нов претседател во вториот изборен круг, што ќе се одржи на 13 ноември. Новиот претседател ќе го преземе мандатот на 23 декември.
Гласањето почна во 7 часот утрово на повеќе од 3.000 избирачки места, каде најдоцна до 19 часот околу 1,7 милиони гласачи ќе може да го остварат своето право на глас.
Првичните делумни неофицијални резултати од гласањето се очекуваат околу 20 часот вечерва, а одлуката на гласачкото тело би можело да биде позната веќе кон 22 часот. Но, според наводите од „Hina“, тоа нема да бидат конечни резултати, бидејќи во понеделник треба да се додадат резултатите од гласањето преку пошта од Словенија, а на 2 ноември ќе се додадат и гласачките ливчиња кои ќе пристигнат по пошта од странство.