Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го испрати досега најсилниот сигнал дека планира повторно да се кандидира за претседателската функција во 2024 година, кога на предизборен митинг во Ајова рече дека „многу, многу, многу веројатно“ ќе поднесе уште една кандидатура за Белата куќа.
„И сега, за да ја направиме нашата земја успешна, безбедна и славна, многу, многу, многу веројатно ќе го направам тоа повторно“, рече Трамп за време на митингот во четвртокот вечер, кој беше најавен како настан за поддршка на републиканскиот сенатор Чак Грасли и другите кандидати, но исто така беше одржан во државата што ги има првите претседателски кокуси.
Откако толпата почна да извикува „Трамп, Трамп, Трамп“, поранешниот претседател рече: „Ова е убаво, добро, тогаш подгответе се, тоа е сè што ќе ви кажам, наскоро. Подгответе се“.
Трамп со месеци навестуваше дека планира повторно да се кандидира за Белата куќа, рутински велејќи им на поддржувачите дека „ќе бидат многу среќни“ од неговата одлука. Но тој испраќа сè посилни сигнали дека планира да се кандидира.
Келијан Конвеј, поранешна висока советничка на Трамп, на настан во четвртокот наутро рече дека очекува бившиот претседател „наскоро“ да го објави очекуваниот потег за враќање во Белата куќа и дека му дава заслуга што чекал до среднорочните избори следниот вторник.
„Мислам дека може да се очекува да го објави тоа наскоро“, рече таа.
На својот митинг во Ајова, Трамп ги повика гласачите да ги изберат републиканците на среднорочните избори следниот вторник, за да ѝ дадат на партијата контрола над Конгресот и „еднаш засекогаш да ѝ се стави крај на лудата политичка кариера на Ненси Пелоси“, но истовремено и за да се запрат претседателот Џо Бајден и „екстремно левичарските лудаци”.
Трамп упати критики кон Бајден, како што тоа обично го прави на неговите митинзи, нарекувајќи го „најлошиот претседател во историјата на земјата“ и „когнитивно оштетен и неспособен да води“. Тој прикажа и видеоснимки на кои Бајден меша зборови и се сопнува додека се качува во претседателскиот авион.