Собранието непречено да функционира, а сите пратеници да се вклучат во носење на законите особено во законите од судството, правото… Ние како Влада сме отворени за соработка и сега е потребна инклузивност и обединетост, а темата за ЕУ да не е терен за дневна политика, побарал премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба со претседателите на парламентарните партии.
Ковачевски ги информирал за евроинтеграцискиот процес, но и за енергетската состојба во земјата, за законите од областа на правото што треба да бидат донесени, како и за Буџетот за 2023 година. Понудил и заклучоци што би произлегле од средбата со кои побарал од парламентарните партии зачленувањето во ЕУ да се смета за надпартиски интерес и сите чинители да дадат целосна поддршка за тоа. Но, Ковачевски по средбата кажа дека сепак нема заеднички заклучоци.
Премиерот изрази задоволство што сите претседатели на парламентарни партии освен двајца присуствувале на средбата.
„Сите политички партии ги кажаа своите ставови, а дел од нив се познати во јавноста. Клучно е дека седнавме на маса да разговараме за овие прашања“, рече Ковачевски.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по лидерската средба во Собранието истакна дека власта нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок логичен след на настаните е, како што рече, Парламентот да се распушти, да се формира техничка влада и да се одржат предвремени парламентрани избори.
Тој ја критикуваше власта за она што се разговарало на лидерската средба. Истакна дека наместо за реалните проблеми со кои во моментот се соочуваат граѓаните, тие разговарале за отворање на Уставот и бараните уставни измени.
„Најпрвин жалиме што кај Владата и кај мнозинството нема доволно слух за реалните проблеми на граѓаните, па на оваа средба не се разговараше на пример за денешниот податок кој што излезе, а тоа е 20 проценти инфлација или пак за 31 отсто зголемени цени за храната и безалкохолните пијалоци. Тоа се оние реални проблеми за кои што треба да се разговара на едни вакви средби. За жал, денеска мнозинството ја пропушти оваа можност и единствената тема која што беше во нивен фокус, е тоа што нив ги интересира, за дефокус на ова сè каде што се тие неуспешни, а тоа се таканаречените уставни измени под превезот на некаква си европска иднина која што многупати во минатото самите тие ја погазија“, нагласи Мицкоски.