Американскиот претседател Џо Бајден призна дека демократите ќе имаат „потежок“ предизвик да го задржат Претставничкиот дом отколку Сенатот, во пресрет на среднорочните избори, кои се одржуваат денеска.
„Мислам дека ќе биде тешко, но мислам дека можеме. Мислам дека ќе го освоиме Сенатот, додека Домот е потежок“, изјави Бајден пред новинарите во Белата куќа во понеделникот, откако беше прашан дали демократите ќе освојат мнозинство во Претставничкиот дом.
„Јас сум оптимист, секогаш сум оптимист“, додаде тој.
Оцената на Бајден дека шансите на неговата партија во Претставничкиот дом се лоши следуваат по митингот во Мериленд за поддршка на кандидатот за гувернер Вес Мур. Претседателот го одржа својот завршен говор пред гласачите и ги повика поддржувачите да излезат на гласање, предупредувајќи дека републиканците ќе ги намалат економските придобивки на Американците доколку го преземат Конгресот.
„И покрај целиот напредок, знаеме дека многу семејства и натаму се борат“, рече Бајден на митингот, тврдејќи дека неговата политика ставила пари во џебовите на американските семејства. „Ние сме во позиција да им помогнеме на семејствата, работничките семејства, семејствата од средната класа, кои се фатени во глобален вкрстен оган од пандемијата и агресивната војна на Путин во Украина“.
Белата куќа објави дека на митингот присуствувале околу 1.700 луѓе.
Бајден ги наведе Законот за намалување на инфлацијата - климатските, здравствените и даночните мерки на демократите - и намалувањето на дефицитот на САД како примери и рече дека републиканците ќе ги намалат трошоците за помош доколку дојдат на власт.
„Ние сме тие што го намалуваат дефицитот, што овозможува да им дадеме малку оддишка на просечните вредни Американци“, рече тој.
Бајден го критикуваше и неговиот претходник, поранешниот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи го „најлошиот претседател по Херберт Хувер“. Трамп во понеделникот вечер се обрати пред неколку илјади луѓе на меѓународниот аеродром во Дејтон, Охајо. Тој постојано навестува дека наскоро ќе ги објави плановите да се кандидира повторно за претседател во 2024 година.
Прочитајте повеќе: Трамп со најсилен сигнал досега дека ќе се кандидира за претседател
Најмалку три лица што се обидоа да го попречат говорот беа отстранети од настанот на Бајден, додека толпата извикуваше „Ајде, Џо“, за да ги задуши нивните зборови. Бајден му се обрати на еден од тие луѓе на трибините, велејќи му: „Изгледате доволно лудо за да скокнете, не скокајте“.
Се очекува Мур лесно да го победи републиканецот Ден Кокс, но прогнозата за изборната ноќ за демократите што сакаат да ја задржат контролата врз Конгресот е многу лоша. Републиканците се фаворити за преземање на Домот, додека за Сенатот се води мртва трка, според анализата на „Фајв трти ејт“ (FiveThirtyEight).
Демократите веќе се соочија со тешка ситуација на среднорочните избори, кои генерално се сметаат за референдум за претседателот и предизвик за партијата на власт. Надежите на партијата се зголемија претходно годинава, кога Врховниот суд во јуни ги укина правата за абортус и по истрагата на Министерството за правда во врска со доверливи документи со кои располага Трамп. Се чинеше дека овие ситуации им даваат поттик на демократските гласачи.
Републиканците добија популарност така што го нападнаа Бајден во врска со економијата, поради инфлацијата на нивоа невидени во последните четири децении и стравувањата од можна рецесија. Анкетите покажуваат дека гласачите ги наведуваат високите цени и економијата како своја главна грижа. Бајден ги пофали напорите на својата администрација да помогне во задржувањето на цените, но на Белата куќа ѝ е тешко да коментира за инфлацијата.
Митингот на Бајден во Мериленд го означи крајот на петдневното патување на претседателот во шест држави. Тој исто така беше во Калифорнија, Ново Мексико, Илиноис, Пенсилванија и Њујорк, во обид да ги охрабри демократските гласачи да излезат на изборите.
Бајден има ниска јавна поддршка, поради што многу демократи што се во тесна конкурентска трка не сакаа да застанат рамо до рамо со непопуларниот претседател и ја ограничија неговата улога во кампањите.
За време на кампањата, претседателот најмногу се појавуваше во упоришта на демократите или се појавуваше со кандидати на сигурни места, а Пенсилванија е еден од ретките исклучоци. Во посетата на Пенсилванија во саботата, за да го поддржи кандидатот за Сенатот, Џон Фетерман, Бајден повторно се соедини со поранешниот претседател Барак Обама на гласниот митинг во Филаделфија.
Трката на Фетерман против републиканецот Мехмет Оз, поддржан од Трамп, е една од трките што би можеле да ја одредат контролата врз Сенатот. Но Бајден избегна многу други држави со тесни трки за Сенатот, вклучувајќи ги Џорџија, Невада и Аризона.