Дипломатите од Г20 се согласија да предложат формулација што укажува на разликите во тоа како да се именува Русија во војната со Украина. Нацрт-предлогот мора да го одобрат челниците на нивниот следен состанок на Бали, кој ќе се одржи утре.
Некои од официјалните лица претходно говореа за процените за соопштенијата што би вклучиле поинаков јазик во некои делови каде што се опишува војната. „Документот укажува на претходната резолуција на Обединетите нации“, велат дипломатите. Во таа декларација се осудува руската агресија и се бара нејзино повлекување од Украина. Во исто време, предложената изјава на Г20 бележи разлики меѓу некои нации, потсетувајќи на нивните претходно изразени ставови во врска со конфликтот. Еден од дипломатите додаде дека планот се однесува да се зборува за „војна во Украина“, а не за „инвазија на Русија врз Украина“.
„Исто така, постигнат е договор и за јазикот со кој се осудува каква било закана со нуклеарно оружје“, велат двајца дипломати, повикувајќи се на ветувањето на Москва дека ќе ги употреби сите средства што ги има на располагање за одбрана на територијата што незаконски била анектирана кон Украина.
Прочитај повеќе
Путин нема да присуствува на самитот на Г20 во Индонезија
Иако претходно Путин најави дека ќе биде дел од самитот, сега руските власти ретерираат.
09.11.2022
Договорот за текстот, кој ќе им се претстави на челниците на самитот, претставува олеснување за земјите домаќини. Во разговорите во пресрет на состанокот доминираат разлики за тоа како да се окарактеризира руското дејствување во Украина. Москва инсистира на тоа нејзината инвазија да се нарекува „специјална воена операција“, а на домашен терен описот како војна е казниво дело. Тоа го зголеми ризикот дека Г20 за првпат ќе заврши без заедничка изјава со која би се согласиле сите членки, кои се всушност најголеми светски економии.
Поделбите во пресрет на самитот ги истакнуваат разликите меѓу богатите членки и тие што го носат најголемиот товар од економските нарушувања, прво поради пандемијата, а сега поради несигурноста со храната и енергијата, дополнително влошена од руската војна.
Некои држави членки изразија резерва кон јазикот, кој го сметаат за премногу агресивен кон Русија. Еден од надлежните ја наведе загриженоста за Кина дека ако се допушти осудување на Москва, тоа може да ја отвори вратата на силни турбуленции во иднина во однесувањето на самиот Пекинг спрема Тајван.
Иако рускиот претседател Владимир Путин можеби нема лично да присуствува на самитот, некои од дипломатите велат дека уште е нејасно дали министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кого Путин го испрати наместо него, ќе учествува на случувањата како што е традиционалното „семејно фотографирање“ на челниците.
„Дури ни домаќините не знаат на кој од настаните може да се појави Лавров“, рече еден од организаторите. Во пресрет на самитот, руските дипломати што работат на подготовката главно се држеа подалеку од своите колеги од другите земји, што дополнително ја зајакна перцепцијата на изолација на Москва.
Исто така, се очекува дека рускиот претседател ќе го прескокне виртуелниот настап на седницата за безбедност на храната и енергијата, каде што можеби ќе се вклучи украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Во меѓувреме, Лавров би требало претходно да го напушти самитот, а има планирано само неколку билатерални состаноци“, рече еден од надлежните од Г20.
А, како знак за тоа колку руската инвазија врз Украина го засени самитот се покажува скромниот фокус на другите теми на дневниот ред, вклучувајќи ги и здравјето и климатските промени.