Доналд Трамп бара уште еден мандат на претседателската функција, надевајќи се дека ќе стане првиот американски претседател во последните 130 години што ќе се врати откако еднаш беше одбиен од гласачите.
Прашањето за републиканците е како да одговорат на „извалканиот“ кандидат, бидејќи многумина во партијата сакаат да направи место за помлад претставник, со подобри шанси за враќање во Белата куќа за две години отсега.
Но тивкото отстапување не е стил на Трамп. Со пркосното започнување на својата претседателска кампања предвреме, едвај една недела откако среднорочните избори ѝ нанесоа удар на неговата партија, Трамп се обидува да ги надмине потенцијалните ривали.
Што направи Трамп?
Околу 20 минути по почетокот на говорот во неговото одморалиште Мар а Лаго, Трамп објави дека ќе биде кандидат за претседател во 2024 година. Тоа е нешто што тој го навестуваше со недели, па не дојде како некое големо изненадување. Всушност, само неколку минути пред да влезе во раскошната сала за танц, украсена со долг ред американски знамиња, тој ја поднесе документацијата до Федералната изборна комисија, со што ја објави својата кандидатура. Тоа е неопходен чекор што му овозможува да собере пари за неговата кампања.
Иако американските политички партии обично им даваат на актуелните функционери бесплатна дозвола за повторно номинирање за втор мандат, поразот на Трамп на претседателските избори во 2020 година значи дека тој повеќе не е официјален лидер на партијата. Тој никогаш не го прифати исходот од тие избори и предизвика движење на следбеници што го прифатија неговото неосновано тврдење дека победата му е одземена преку голема изборна измама. Некои од тие следбеници учествуваа во бунтот на Капитол, на 6 јануари 2021 година.
Во 2022 година, Трамп поддржа многу негатори на изборите како кандидати за гувернер и државен секретар, како и за Сенатот и Претставничкиот дом. Но многумина беа поразени на изборите на 8 ноември.
Иако Трамп и натаму има лојални следбеници меѓу републиканците, некои партиски лидери и донатори гледаат да го заобиколат, надевајќи се дека ќе избегнат прелиминарни избори со повеќе кандидати, што ќе му овозможи на Трамп да ја подели конкуренцијата и да го расчисти патот до номинацијата.
Кој друг е во игра?
Никој друг не се огласил. Но Рон Десантис, свеж по неговиот реизбор за гувернер на Флорида минатата недела, нашироко се смета за најсоодветен ривал. Трамп му го додели прекарот Рон де Сентимониус и се закани дека ќе открие штетни информации за него.
Други потенцијални предизвикувачи што привлекуваат внимание се гувернерот Глен Јангкин од Вирџинија, поранешниот потпретседател Мајк Пенс, поранешниот државен секретар Мајкл Помпео, сенаторот Тед Круз од Тексас, сенаторот Тим Скот од Јужна Каролина и гувернерот на Мериленд, Лери Хоган.
Претседателот Џо Бајден рече дека очекува да се кандидира за втор мандат и ќе објави следната година. Бајден овој месец полни 80 години. Трамп има 76 години. Прашањето за возраста ги засега и двајцата.
Како ќе се одлучува за кандидатот?
Трката за републиканска номинација ќе го следи вообичаениот пат, серија кокуси од држава во држава и прелиминарни избори, на кои републиканските гласачи ќе испратат делегати на националната конвенција за да го изберат кандидатот.
Што ќе се случи следно?
До изборите во 2024 година има уште две години, но кандидатите со интерес за номинација - и најавени и ненајавени - ќе почнат да ги посетуваат државите со рани партиски прелиминарни избори, како Ајова и Њу Хемпшир. Тие ќе се одржат на почетокот на 2024 година. Дебатите спонзорирани од партијата би можеле да започнат веќе следната пролет.