Американскиот претседател Џо Бајден им кажал на сојузниците дека експлозијата во вторникот вечерта во Полска била предизвикана од украинската противвоздушна одбрана, но поттикната од рускиот ракетен напад врз Украина, според двајца официјални претставници запознаени со ситуацијата.
Тој ова го соопштил за време на разговорот со НАТО и сојузниците од Групата 7 во Индонезија, изјавиле официјалните лица, кои побарале да останат анонимни бидејќи станува збор за чувствителни прашања. Лидерите на Г7 и НАТО кои се состанаа во Бали, Индонезија, на маргините на Самитот на Групата 20, објавија изјава во која ги осудуваат руските напади врз градовите и енергетската инфраструктура на Украина.
Експлозијата во која загинаа две лица во полско село, на околу шест километри од границата со Украина, предизвика бран на дипломатски консултации, вклучително и денешната вонредна средба на амбасадорите на НАТО во Брисел. За инцидентот разговараа и амбасадорите на Европската унија.
Повеќе дипломати вклучени во процесот посочија дека дискусиите се во тек, но се чини сè помала веројатноста Полска да се повика на членот четири од повелбата на НАТО, што би поттиканал дискусија во воената алијанса пред каков било потенцијален одговор.
Варшава ќе одлучи врз основа на консултации со сојузниците, според луѓе запознаени со ова прашање кои побарале да не бидат именувани.
„Сите претставници на членките на ЕУ и институциите на ЕУ истакнаа дека нема сомнеж оти руската агресија во Украина и сеопфатниот ракетен напад на територијата на Украина се директна причина за вчерашната трагедија“, изјави за новинарите во Брисел, Анджеј Садос, амбасадор на Полска во ЕУ, по дискусијата со неговите колеги од земјите-членки.