Со децении, влезот во Европската унија се сметаше за свет грал за земјите од Западен Балкан. Но, за повеќето од нив тој сон останува недостижен и почнуваат да бараат алтернативи. Луѓето во Албанија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора станаа погласни во нивното разочарување оваа година додека Европа се бори со последиците од руската војна во Украина и кризата со трошоците за живот.
„Анкетите во изминатите 18 месеци, и кај нас и во регионот, покажуваат пад на поддршката за ЕУ“, рече минатата недела претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Најмногу е виновен Брисел, рече тој, бидејќи „објективно не гледаме напредок на процесот на европска интеграциja“.
ЕУ го забележа ова. Утре одржува самит со лидерите на своите 27 земји-членки во албанскиот главен град Тирана, за да покаже дека сè уште верува дека балканските држави еден ден ќе му се приклучат на сојузот. Поплаки не доаѓаат само од земјите со големи надежи за влез во ЕУ. Дури и Европскиот парламент ги прекори лидерите на блокот за „неисполнување на долгогодишните ветувања на ЕУ“. „Недостигот на ангажман и кредибилитет на ЕУ во изминатите неколку години создаде вакуум, отворајќи простор за Русија, Кина и другите трети актери“, се вели во извештајот.
Да се биде изоставен, значи да се биде економски заостанат. Сите шест балкански земји кои не се членки на ЕУ минатата година имаа животен стандард под 50 отсто од просекот на ЕУ, додека 12-те поранешни комунистички држави кои се приклучија од 2004 година го надминаа тоа ниво.
Земете ја Северна Македонија, на пример, која заедно со Албанија ги започна пристапните преговори во јули, откако чекаше 17 години да го стори тоа по бурниот процес, во кој дури, го смени и името за да се квалификува. По надминувањето на таа пречка, напредокот сè уште е закочен поради спорот со соседна Бугарија, која бара промена на уставот на Северна Македонија, пред да може да продолжи со процесот за членство.
Тоа е тешко за голтање за луѓето во Северна Македонија, а одложувањето на членството може да додаде години на нивните шанси за побогат живот кој повеќе ќе наликува на стандардите на ЕУ.
„Има многу земји кои веруваат дека процесот треба да биде побрз“, рече американскиот специјален пратеник за Балканот Габриел Ескобар минатата недела.
Иако е исто така во неизвесност во однос на ЕУ, Србија подаде рака, обидувајќи се да го зголеми своето влијание во регионот во кој некогаш доминираше Белград, пред крвавиот распад на Југославија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој жонглира со блиските врски со Русија и желбата за влез во ЕУ, беше првиот што испрати вакцини против Ковид-19 во Северна Македонија пред две години. Неговата влада ги смени законите во октомври за да може да извезува природен гас до јужниот сосед. Вучиќ е и за зајакнување на иницијативата „Отворен Балкан“, кој ја олеснува трговијата и патувањето и ги намалува трошоците за роаминг.
Тој тврди дека, без јасен краен датум за членство во ЕУ, балканските држави треба да ги зајакнат економските врски. ЕУ остро ја осуди иницијативата, заедно со официјалните претставници на неколку балкански земји кои ја избегнаа. Тие се загрижени дека земјите кои водеа војни за да станат независни една од друга во 1990-тите може да го изгубат фокусот на пристапувањето. Тоа е „непожелна замена за европската интеграција и одвраќање од неа“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за европски прашања, додавајќи дека „Отворен Балкан“ нема транспарентност и се потпира на личните односи на „харизматичните лидери“.
Но, на крајот, ЕУ треба да го сноси товарот од недостигот на напредок кон членството, смета политичкиот аналитичар Љупчо Поповски од Скопје. „Во отсуство на голема награда, луѓето бараат некакви непосредни придобивки, дури и ако се помали“, рече тој.
Во соработка со Миша Савиќ