Рускиот претседател Владимир Путин годинава нема да ја одржи својата годишна маратонска прес-конференција за првпат по една деценија бидејќи продолжуваат проблемите за руските војници на фронтот во Украина.
„Нема да се одржи таа пред Нова година“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на прашања на новинарите во врска со конференцијата во понеделникот. Претседателот ќе се обиде да „најде соодветна можност“ да разговара со новинарите, додаде Песков.
Путин, откако беше реизбран за претседател во 2012, секој декември одржува прес-конференции како еден вид заокружување на годината. Стотици новинари од Русија, заедно со претставници на странски медиуми, доаѓаа во Москва и учествуваа на тричасовен настан што беше и телевизиски пренесуван.
Годинава таков настан нема да има во моменти на повлекување на руските сили во војната во Украина која трае веќе десет месеци, како и тензиите поради повикот на 300.000 резервисти. Во Русија досега немало мобилизација уште од Втората светска војна.
Кремљ сè уште не го објави датумот на годишното обраќање на Путин пред парламентарците и високите владини претставници, а се чини дека тој не планира да учествува и на „Директна линија“, настан за време на кој (најчесто внимателно избрани) граѓани од Русија зборуваат за нивните проблеми во директен телефонски разговор со претседателот. Настанот се одржува секоја година откако Путин првпат стана претседател во 2001 година.