Американскиот претседател Џо Бајден му посака топло добредојде на украинскиот колега Володимир Зеленски во Белата куќа, во моменти кога Зеленски се обидува да ја зацврсти американската поддршка за одбраната на Киев од Русија, во неговото прво патување надвор од земјата по инвазијата на руските сили.
Бајден и првата дама Џил Бајден го поздравија Зеленски на јужниот тревник на Белата куќа нешто по 14 часот во Вашингтон, на почетокот од динамичното гостување на украинскиот лидер кое ќе заврши со обраќање пред Конгресот во вечерните часови по локално време.
„300 дена, тешко е да се поверува“, му рече Бајден на Зеленски во Овалната соба, мислејќи на времето што помина од почетокот на инвазијата на силите на рускиот претседател, Владимир Путин. „300 дена ваква состојба, бидејќи Путин изврши брутален напад врз правото на Украина да постои како нација и го нападна невиниот украински народ“.
Бајден рече дека Путин „се обидува да ја искористи зимата како оружје“ со бомбардирање на цивилна инфраструктура во Украина како што е мрежата за снабдување со електрична енергија, топлина и вода.
„Но, украинскиот народ продолжува да го инспирира светот“, нагласи тој.
САД бараат „само мир“ во конфликтот, посочи Бајден.
Зеленски на англиски рече дека Украина ја контролира ситуацијата во војната благодарение на американската поддршка. Тој му се заблагодари на Бајден за, како што рече, неговата голема поддршка и лидерство, но предупреди дека војната не е завршена.
Администрацијата на Бајден во средата објави 1,85 милијарди долари дополнителна воена помош за Украина, вклучително и ракетната батерија „Патриот“ за да ѝ помогне на земјата да ја зајакне својата одбрана во текот на зимата.
„Ќе ја зајакнеме способноста на Украина да се брани, особено противвоздушната одбрана, ќе обезбедиме ракетна батерија 'Патриот' и ќе ги обучиме вашите сили за прецизно користење“, му рече Бајден на Зеленски, додавајќи: „Ние стоиме покрај вас. Се покажавте како одличен лидер“.
Зеленски ќе се обрати пред Конгресот по средбата и прес-конференцијата со Бајден. Некои републиканци изразија скептицизам или целосно противење на континуираната поддршка на САД кон Украина.