Новата година носи и новитети во условите за патување во Шенген-зоната. Најавените нови правила за дозвола за патување во рамките на државите од Шенген веројатно ќе почнат од ноември годинава. Се очекува дека тогаш, по повеќе одложувања, ќе заживее практиката за поднесување онлајн барања преку автоматизираниот Европски систем за одобрување на патувањата - ЕТИАС (European Travel Information and Authorisation System – ETIAS). А, со тоа ќе се воведе и давачката од седум евра, се наведува на интернет-страницата на Европската комисија (ЕК).
Ова правило секако дека ќе важи и за македонските граѓани. Само за потсетување, во моментов во Шенген-зоната влегуваме без визи и какви било претходни одобрувања.
На интернет-страницата на ЕК ќе биде објавен и точниот датум од кога ќе може да почнат да се пријавуваат патниците. Одобрението за патување ќе важи три години или до истекот на датумот на патната исправа, се вели во официјалниот документ.
Во него се наведува и дека ЕК уште во 2016 година предложи основање на ЕТИАС за да ја зголеми безбедноста во делот на проверка на личностите што патуваат без виза во Европската Унија (ЕУ).
Како ќе функционира новиот систем?
Постапката би требало да биде многу слична со онлајн формуларите што ги пополнувавме за време на ковид-пандемијата во форма на ПЛФ-документи за патување во некои земји, каде што се внесуваат основните податоци за патникот, како и детали за првото наредно влегување во ЕУ.
Не се очекува дека во тие онлајн обрасци треба да се внесат многу податоци, освен генералиите од патната исправа. Пријавата се пополнува онлајн и не е неопходно самиот патник да ја пополни за себе, туку може и друго лице да ја пополни во негово име.
По пополнувањето на образецот автоматски ќе се спроведе потребната проверка на информациите во системот на ЕУ за граници и безбедност и треба одобрувањето за патување системот да го издаде во рок од неколку минути, се напоменува во документот од ЕК и во продолжение пишува дека процедурата само во исклучителни случаи може да потрае до 30 минути.
Надоместокот од седум евра за секоја пријава ќе го плаќаат само лицата од 18 до 70 години, а другите ќе бидат ослободени од оваа давачка.
„ЕТИАС-дозволата за патување ќе биде задолжителен предуслов за влез во Шенген-зоната. Граничарите секогаш ќе ја проверуваат заедно со патните исправи при влез во зоната“, пишува во документот. Се оценува дека ваквата верификација на патниците што не се државјани на ЕУ ќе ги олесни граничните проверки, ќе ги минимизира бирократските процедури и доцнењата, ќе обезбеди координирана процена на ризикот и значајно ќе го намали бројот на одбиени влегувања на граничните премини. Во случај граничарот да утврди дека не постои важечка ЕТИАС-дозвола, тој нема да му дозволи влез на патникот.
Што ако патникот биде одбиен?
Доколку одобрението за патување е одбиено, подносителот на барањето има право на жалба, порачуваат од ЕК. Жалбата може да се поднесе во државата што ја донела одлуката за пријавата во согласност со националното право на таа земја. Подносителот на пријавата ќе биде известен за тоа кој национален орган е одговорен за обработка и одлука во врска со одобрувањето за патување.
Ако патникот смета дека неговиот третман е неправеден, исто така има право да бара обесштетување или пристап до информации преку националните органи.
ЕТИАС ќе важи и за Хрватска
Потсетуваме дека Хрватска од денеска е официјално новата, 27. членка на Шенген-зоната. Тоа значи дека сето горенаведено ќе важи и за територијата на таа земја.
Дел од Шенген-зоната се следниве држави: Австрија, Белгија, Чешка, Хрватска, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
Текстот е напишан со помош на Ана Ристовиќ / Блумберг Адрија