Поради намалена видливост од густата магла на Скопскиот аеродром се откажани десет лета, а три се пренасочени синоќа од 20 часот до изутрина до девет часот, по што нема откажани летови, информира аеродромскиот оператор ТАВ Македонија.
„Во моментов не очекуваме нарушувања, но видливоста е променлива и зависи од временските неприлики во кои се наоѓа скопската котлина веќе неколку дена“, велат во соопштение од ТАВ Македонија.
Ги упатуваат патниците да ја следат веб-страница: www.skp.airports.com.mk , во делот Летови (Заминувања/Пристигнувања), каде евентуалните промени во редовниот распоред на летови се ажурираат во реално време.
Во однос на откажаните и пренасочени летови, аеродромскиот оператор укажува дека согласно правилата на авиопревозниците за вакви ситуации, тие им организираат превоз и хотелско сместување на патниците. За сите натамошни информации во врска стекнување на патничките права, ги упатуваат патниците да се обратат кај својата авиокомпанија, со чии услови и правила на користење се согласиле кога ги купиле авионските карти. Доколку патниците имаат потреба дополнително да ги бараат своите патнички права, ги упатуваат да се обратат до Агенцијата за цивилно воздухопловство, на чија веб-страница се пропишани правилата и условите за нивно остварување: https://www.caa.gov.mk/.
Маглата во скопската котлина веќе трет ден го отежнува одвивањето на авиосообраќајот, а намалена е видливоста и на повеќе патни правци низ државата.