И покрај усвојувањето на шестиот пакет санкции на ЕУ против Русија, кои се издвојуваат како најтешки досега, западните санкции против режимот на Владимир Путин се чини дека губат моментум, што донекаде го потврди и изземањето на нафтоводот и отстранувањето на патријархот Кирил од листата на санкционирани лица.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, очигледно игра голема улога во расцепувањето на обединетиот фронт. Но, ризикот од замор и слабеење на моралот оди многу подалеку од Будимпешта.
Цената која треба да се плати за удирање на Путин онаму каде што најмногу го боли, енергијата, надвиснува над главите на многу лидери во време на висока инфлација и економско забавување, а тука е и глетката од напредокот на Русија која го враќа моментумот по 100 дена борби.
Паралелно со разликите во мислењата што се провлекуваат внатре и надвор од ЕУ за тоа како може да изгледа конечниот исход, ситуацијата не изгледа добро, барем за во блиска иднина. Естонската премиерка Каја Калас, која сега мора повторно да ја состави својата владина коалиција по нејзиниот колапс минатата недела, сака да продолжи да ги „затегнува завртките“ за Москва. Но, таа признава дека ќе станува сè потешко, со мали шанси за ембарго за рускиот гас во следниот пакет санкции.
Време е за поинаков пристап, или пауза, како што вели белгискиот колега на Калас, Александар Де Кро.
Не постои лесен лек за заморот од санкциите. Финансиското оружје е несовршена алатка која е склона кон несакани последици. Невидениот обем на санкции против луѓето од тесното опкружување на Путин, како и рускиот финансиски систем, авиопревозот и трговијата, би придонеле за проценет пад на рускиот бруто домашен производ од 10 отсто оваа година. Но, тоа не го одврати, ниту го оддалечи Путин.
Напротив, имаше и некои контрапродуктивни ефекти. Зголемената цена на енергијата ги обложи џебовите на Путин, додека ги осиромашува увозниците. Приходите на Русија од нафта и гас ќе бидат околу 285 милијарди долари оваа година, според проценките на „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics). Кога тука би се додале и другите стоки, тоа веќе и ги надминува 300 милијарди долари руски девизни резерви замрзнати како дел од санкциите.
И додека запленувањето на јахтите и вилите на богатите олигарси е добро, тешко е да се види како западните фирми ја напуштаат Русија и продаваат имот на оние милијардери кои се всушност преголеми за да бидат санкционирани.
Дури и ако долгорочниот одговор овде е да се оди посилно и побрзо против Русија, ќе биде од витално значење прво да се зајакне економската одбрана дома. „Барклејс“ (Barclays Plc) проценува дека целосното ембарго на рускиот природен гас може да го намали БДП на еврозоната за 4 отсто во споредба со основното сценарио; без дополнителна економска поддршка за домаќинствата, ќе се прошири реториката на Орбан кој веќе ги спореди енергетските санкции со економска нуклеарна бомба.
Без светлина на крајот од економскиот тунел, расположението на јавноста може да се промени. Ако оваа војна се одолговлекува и стане тест за моралот, Западот и ЕУ имаат предност во однос на ресурсите и човечкиот капитал, вели Мигел Отеро Иглесијас од Кралскиот институт Елкано (Elcano Royal Institute). Но, тоа доаѓа со потреба да се заштитат најранливите во општеството и фискалната поддршка треба да биде неизбежна, додава тој.