Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска телефонски разговарал со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, соопштија од Владата. Во текот на разговорот, Ковачевски ја пренел, како што велат од Владата, поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во „бруталната неоправдана и непредизвикана воена агресија што Русија ја врши врз Украина“.
„Војната што Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно прекршување на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава, со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата што Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“, рекол премиерот Ковачевски.
Во разговорот станало збор и за досегашната помош и поддршка што Македонија ги обезбедува за Украина. Во соопштението од Владата е наведено дека претседателот Зеленски ја истакнал благодарноста до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка.
„Северна Македонија и како НАТО-членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини. Посебен фокус на разговорот беше развојот на настаните на воениот фронт, како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, ќе ја посетам Украина“, нагласи премиерот Ковачевски, се наведува во соопштението по разговорот.