Длабокото незадоволство во неговата Конзервативна партија беше очигледно во понеделникот вечерта, кога 211 пратеници од ториевците го поддржаа Џонсон во гласањето за доверба, но 148 гласаа против него. Бунтот беше поголем од оној што го претрпе претходничката Тереза Меј, која беше сменета од премиерската функција шест месеци подоцна откако не успеа да ја обедини партијата околу напуштањето на Европската унија.
Притисокот врз Џонсон се зголемуваше со недели поради т.н. „партигејт“, серија настани на Даунинг стрит за време на пандемијата, за што 57-годишниот премиер доби полициска казна. Извештајот на високиот државен службеник, Сју Греј, покажа дека многу од настаните не требало да бидат дозволени. Но, малаксаноста оди подалеку од нелегалните собири и се зголемува со месеци. Еден пратеник по гласањето рече дека ништо не е неизбежно, но, на крајот Џонсон е готов.
Прашањето сега е со колкав авторитет Џонсон може да продолжи да командува, смета Џон Куртис, професор по политика на Универзитетот Стратклајд во Глазгов. „Не е утврдено дека Џонсон ќе ја води партијата на следните избори“, вели тој. „Резултатот е доволно лош за да покрене прашања за долгорочната иднина на неговото раководство“.
Неодамнешната историја сугерира дека времето на Џонсон на функцијата би можело да заврши пред тој да добие шанса да се бори на следните избори, тековно закажани за 2024 година. Во гласањето за нејзината политика околу брегзит, Меј го преживеа гласањето за доверба со мнозинство од 83 во декември 2018 година. Тоа се споредува со 63 за Џонсон.
Џонсон го мина понеделникот молејќи ги пратениците да го поддржат, а лојалните поддржувачи го бранеа во телевизиски интервјуа. Тој, исто така, се обиде да ги смири своите критичари во партијата со ветување за даночни намалувања.
По резултатот, Џонсон рече дека е време властите да се насочат кон помагање на луѓето со трошоците за живот, зајакнување на економијата и зајакнување на здравствените услуги.
„Ова е исклучително добар, позитивен, убедлив, одлучувачки резултат што ни овозможува да продолжиме да се обединуваме и да се фокусираме на испораката“, рече Џонсон пред новинарите. „Секако дека не сум заинтересиран за предвремени избори. Ќе продолжиме да се бориме понатаму. Имаме огромна агенда и ќе ја завршиме“.
Сепак, нема сомнение дека гласањето беше удар. Тоа беше поттикнато од најмалку 15 отсто од конзервативните пратеници кои поднесоа писма за недоверба кон нивниот лидер. На крајот, се побунија 41 отсто од пратениците.
Стравувањата на ториевците дека Џонсон би можел да ги чини на следните избори, се засилени и од новите анкети кои сугерираат дека партијата се соочува со пораз во две специјални гласања на 23 јуни.