Се очекува Германија најрано утре да ѝ даде одобрение на Полска за веднаш да пристапи кон реекспорт на своите тенкови „леопард“ (од германско производство) во Украина, информираат луѓе запознаени со ова прашање, кои побараа да останат анонимни бидејќи одлуката е приватна.
Полска претходно официјално побара овластување и германската влада рече дека ќе одговори со потребната итност. Според германскиот закон, потребно е одобрение за реекспорт на нивната воена опрема, што значи дека стотиците тенкови „леопард“ во Европа може да бидат испратени во Украина само со согласност од Берлин.
Расте притисокот врз германскиот канцелар Олаф Шолц да им дозволи на сојузниците да ги споделат своите резерви на овие тенкови. Полска со недели ја повикува Германија да се откаже од претпазливиот пристап, а полскиот премиер Матеуш Моравјецки во вторникот рече дека очекува брзо одобрение од Берлин.
Додека Украина и нејзините сојузници се подготвуваат за потенцијална ескалација на борбите напролет, дебатата за испраќање борбени тенкови за поддршка на војската на Киев и потенцијално враќање на територијата стана камен на сопнување меѓу сојузниците на НАТО. Американските и европските официјални лица реагираат на бавното одлучување на Шолц, велејќи дека германскиот лидер треба да биде поодлучлив и да ја следи ветената Zeitenwende или историска пресвртница во поглед на безбедноста. Шолц инсистираше Германија да не дејствува сама во испраќањето нови категории тешко оружје што може да предизвика ескалација со Москва. Тој им дава предност на паралелните и заеднички чекори со САД и НАТО.
„Никогаш не одиме сами“, рече Шолц во интервју минатата недела за „Блумберг“.