Платата за јануари 2023 година не е исплатена за вработените во Кабинетот и за претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, од Министерството за финансии (МФ) добиле образложение дека во буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати.
„Ваквото образложение го сметаме за неосновано“, велат од Кабинетот на Пендаровски.
„Кабинетот на претседателот во согласност со потпишаниот колективен договор со Синдикатот на вработените предвиде покачување од пет проценти на плата само за државните службеници што се вработени во Кабинетот на претседателот. Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии“, се појаснува во соопштението.
Барањето за финансиски средства за плата за јануари 2023 година, кое Кабинетот на претседателот го достави до Министерството за финансии, се додава во соопштението, е изработено во согласност со Законот, во рамките на одобрените средства во буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, буџетскиот корисник претседател и во согласност со колективниот договор за вработените при Претседател на Република Северна Македонија.