Францускиот парламент во понеделникот започна со расправа за нацрт-законот за пензиските реформи што ги застапува францускиот претседател Емануел Макрон, додека синдикатите неделава се подготвуваат за уште два дена штрајкови и протести против планот.
Досега ниту власта ниту противниците на измените не дадоа многу простор за компромис. Макрон се обврза дека ќе ја спроведе својата програма, која вклучува зголемување на минималната возраст за пензионирање од 62 на 64 години, додека синдикатите ги повикаа Французите во вторник да протестираат во уште поголем број отколку минатата недела.
Премиерката Елизабет Борн понуди некои маргинални отстапки во неделата, во обид да ја придобие конзервативната Републиканска партија. Таа изјави дека под одредени услови може да го поддржи законот за пензиско. Доколку таа ја даде својата поддршка, ќе обезбеди доволно гласови за да се усвои законот во Долниот дом.
Таа, исто така, додаде дека не може да се преговара за транзицијата кон возраст за пензионирање од 64 години, додека владата повторно посочи дека повлекувањето на реформата ќе го загрози фундаменталниот дел од стратегијата за стабилизација на јавните финансии оптоварени со дефицит. Во неделата таа рече и дека Владата размислува за уште едно ослободување за да може повеќе луѓе да се пензионираат пред новата минимална возраст.
„Она што го прави премиерката е плеткање“, рече Филип Мартинез, шеф на синдикатот CGT, во понеделникот на телевизијата Франс 2. „За CGT, одговорот е јасен: продолжуваме со штрајкот“!
Борн и Макрон досега не успеаја да го убедат мнозинството Французи да го поддржат планот. Напротив, ја загубија поддршката од мнозинството граѓани, што можеше да се види и во неколку истражувања на јавното мислење, кои покажуваат дека мнозинството Французи се против законот.
И двата претходни протеста собраа повеќе од милион луѓе низ Франција и предизвикаа значителни нарушувања. Возовите, метрото и трамваите во француските градови, вклучувајќи го и Париз, обезбедуваа само ограничена услуга, некои летови беа откажани, а многу училишта беа затворени. Демонстрантите, исто така, ги блокираа рафинериите за нафта управувани од „Тотал енерџис“ (TotalEnergies), додека штрајковите на работниците на „Електрисити де Франс“ (Electricite de France - EDF) прекинуваат дел од производството на електрична енергија.
Во вторникот, властите за цивилна авијација побараа од авиокомпаниите да го намалат сообраќајот на парискиот аеродром „Орли“ за 20 отсто. Железничкиот оператор СНЦФ (SNCF) рече дека очекува околу половина од брзите TGV возови во Франција да сообраќаат и ги советуваше патниците да ги откажат или одложат патувањата. Некои работници на EDF и „Тотал енерџис“ исто така планираат повторно да штрајкуваат.
Синдикатите тврдат дека промената на минималната возраст за пензионирање неправедно ќе ги погоди нискоквалификуваните и оние што почнале порано да работат. Тие исто така веруваат дека има подобри начини за зголемување на вработеноста кај постарите работници и доведување на пензискиот систем во финансиска рамнотежа, како што е зголемување на даноците, можност што Макрон ја отфрли.
Без промени во пензискиот систем, се очекува тој да генерира годишен дефицит од дури 0,8 отсто од годишното економско производство во следните десет години, според францускиот советодавен одбор за пензии. Ова доаѓа во време кога владата сака да посвети повеќе ресурси за инвестиции во индустријата и зелената транзиција.