Рускиот претседател Владимир Путин се обврза дека ќе ја продолжи својата инвазија на Украина додека не се исполнат целите на Русија и се закани дека ќе возврати доколку САД и нивните сојузници ѝ дадат на владата во Киев ракети со долг дострел.
„Ќе ги исполниме поставените задачи чекор по чекор, внимателно и доследно“ додека Русија се бори за своите „историски територии“ во Украина, изјави Путин во вторникот во рускиот парламент, пред највисоките функционери во Москва. „Едно треба да им биде јасно на сите - колку повеќе западни системи со долг дострел пристигнуваат во Украина, толку ние ќе бидеме принудени да ја тргнеме заканата подалеку од нашите граници. Тоа е очигледно“.
Во вторникот Путин го одржа своето прво обраќање до нацијата по речиси две години, бидејќи се приближува 24 февруари, годишнината од војната во Украина. Тој го одржа говорот на годишнината од неговата одлука да ги признае за независни украинските региони Донецк и Луганск, со кои владеат руските сепаратисти, чија одбрана ја искористи како изговор за целосната инвазија.
Говорот во голема мера се состоеше од вообичаените образложенија на Путин со кои ја префрла вината за конфликтот на САД и нивните сојузници, за каде што тврди дека безбожноста и педофилијата станале норма.
Американските и европските сојузници на Украина сакаат да „преобразат локален конфликт во глобален“, рече Путин во говорот, кој постојано беше прекинуван од аплауз. „Ние го разбираме тоа и ќе одговориме на тоа, бидејќи зборуваме за постоењето на нашата земја“.
Голем дел од обраќањето беше фокусиран на домашните прашања. Тој понуди нови поволности за ветераните, нивните семејства и бранителите.
Откако не успеа да го заземе главниот град на Украина, Киев, руската армија претрпе повеќекратни порази и големи загуби од украинските сили поддржани од американско и европско оружје. Путин зборуваше еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден отиде во ненадејна посета на Киев, за да ја истакне континуираната поддршка на САД за Украина.
Додека во источните украински региони беснеат интензивни, исцрпувачки борби, при што ниту една од страните не постигна голем напредок со месеци, украинскиот претседател Володимир Зеленски на безбедносната конференција (одржана викендов во Минхен) апелираше до САД и нивните сојузници да ја забрзаат испораката на оружје за да помогнат во украинскиот отпор.
„Западот започна воена, информациска и економска битка против нас, но тие не постигнаа и нема да постигнат ништо“, нагласи Путин.
Лидерот на Кремљ го отфрла растечкиот број руски жртви, подготвувајќи ги земјата и нејзината економија за долга војна. Во септември тој повика на делумна мобилизација на 300.000 војници и се обиде да ги убеди Русите дека неговиот неиспровоциран напад врз Украина е егзистенцијална борба со „колективниот Запад“ за опстанок на нивната земја, постојано споредувајќи ја со победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна.
На почетокот на инвазијата тој тврдеше „не е наш план да ја окупираме украинската територија“, но во септември Путин потпиша декрет со кој прогласи анексија на четири региони во источна и јужна Украина што неговите војници не ги контролираа во целост. Во ноември Украина ја врати контролата врз дел од таа територија, вклучувајќи го и јужниот град Херсон, единствениот регионален главен град окупиран од руските сили.