Владата ја замрзнува трговската маржа на основните прехранбени производи. Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека одлуката е донесена во консултација со бизнис заедницата и надлежните институции.
Мерката ќе почне да важи од утре и ќе трае до 30 септември годинава. Со неа, се определува маржа од пет отсто во трговијата на големо и мало за белиот леб – сечен на парчиња или цел, за белиот шеќер и сончогледовото масло за јадење (не се однесува на ладно цедено масло).
За брашното од пченица – тип 400 и тип 500, макароните, шпагетите од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто како и јајца од кокошки се утврдува маржа од 10 отсто за трговија на големо и мало. Замрзнатите маржи се однесуваат на сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец.
Министерот Бектеши вели дека Одлуката на Владата предвидува да не се пресметуваат оперативни трошоци и да не се одобрува рабат и надоместоци кои трговците на мало ги плаќаат на големите трговци за рекламирање и за изложување на стоките на рафотвите и полиците. Овие трошоци нема да се пресметуваат до крајот на годината.
„Со оваа Одлука се ограничува растот на цените во наредниот период преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци“, додаде Бектеши.