Претседателот на Федералните резерви (ФЕД), Џером Пауел, разговарал со пар руски пранкстери што се претставиле како украинскиот претседател Володимир Зеленски, според видео прикажано на руската државна телевизија.
Очигледно мислејќи дека зборува со Зеленски, видеото покажува како Пауел одговара на прашања на теми што се движат од изгледите за инфлацијата до руската централна банка. Има неколку клипа, кои траат околу 15 минути и не е јасно дали снимката е преработувана.
„Претседателот Пауел учествуваше во разговор во јануари со некој што лажно се претстави како украинскиот претседател“, рече портпаролот на ФЕД во четвртокот. „Тоа беше пријателски разговор и се одржа во контекст на нашата позиција за поддршка на украинскиот народ во ова предизвикувачко време. Не се разговараше за чувствителни или доверливи информации“.
Портпаролот додаде дека „случајот им е предаден на соодветните органи за спроведување на законот и поради почит кон нивните напори, нема да коментира повеќе“.
Од ФЕД исто така соопштија дека се чини оти видеото е преработено и не може да се потврди дека е во целост точно.
Други функционери
Иако коментарите се чинат безопасни, фактот дека лажниот повик сепак стигнал до Пауел веројатно ќе отвори прашања за безбедноста во ФЕД.
Шегаџиите Владимир Кузњецов и Алексеј Столјаров, кои ги носат прекарите Вован и Лексус, со години успеваат да ги измамат странските политичари да разговараат со нив и покрај нивните понекогаш груби имитации.
Двојката е поддржувач на претседателот Владимир Путин. Во 2018 година, Британија соопшти дека верува оти Кремљ стои зад лажниот повик до тогашниот министер за надворешни работи Борис Џонсон. Мајтапчиите често ги објавуваат видеата со намера да ги посрамотат западните политичари.
Претходно годинава двајцата споделија разговор со шефицата на Европската централна банка (ЕЦБ); Кристин Лагард, исто така претставувајќи се како Зеленски, според видеото што го објавија.
„Претседателката се согласи на овој разговор со добра волја, исто така за да ја покаже својата поддршка за Украина и нејзиниот народ, кој се брани од руската воена агресија“, рече портпаролот на ЕЦБ во четвртокот.
Двајцата разговараа и со Ангела Меркел, поранешната германска канцеларка, преправајќи се дека се поранешниот украински претседател Петро Порошенко. Меркел изгледаше како да се сомнева на снимката од повикот, но не ги праша соговорниците за тоа.
Минатата година двајцата го измамија полскиот претседател Анджеј Дуда да мисли дека разговара со својот француски колега Емануел Макрон.
Повикот на Пауел доби широка покриеност во руските државни медиуми, кои обично уживаат во срамните епизоди оркестрирани од двојката. На нивниот канал на руската социјална мрежа ВК, тие посветија цела емисија на тоа, вклучувајќи и коментар од Виктор Бут, трговецот со оружје осуден во САД, кој се врати во Русија кон крајот на минатата година во размена на затвореници.