Официјален Париз останува мобилизиран на изнаоѓање на решение за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ, порачаа денеска од француското Министерство за надворешни работи.
Одговорот од француската дипломатија доаѓа по самитот ЕУ-Западен Балкан и, како што пренесоа повеќе француски медиуми, очигледното незадоволство и гневот на земјите од Западен Балкан.
Ковачевски: Францускиот предлог не е прифатлив за нас
Во реакцијата се дополнува она што го рече претседателот, Емануел Макрон, во Брисел.
Кej д’Орсеј најпрво потсетува дека претседателот на Франција уште за време на телефонските разговори што ги имал на 6 јуни со македонскиот премиер и со бугарскиот претседател, укажал дека е подготвен да им помогне на двете земји да склучат билатерален договор.
Во однос на француското директно ангажирање во изнаоѓањето на решение, француското МНР додава:
„Преземаме многу чекори под нашето претседавање со Советот на Европската Унија со цел да го поддржиме барањето на решение за спорот меѓу двете земји и да ја конкретизираме европската перспектива на Северна Македонија“.
На крјот од кратката реакција се нагласува дека следните денови ќе бидат одлучувачки.
„Остануваме мобилизирани за да постигнеме избалансирано и заемно прифатливо решение и решени сме, во случај на договор, да организираме меѓувладини конференции меѓу Европската Унија и Северна Македонија, како и со Албанија“, наведуваат од Француското Министерство за надворешни работи.
Во текот на вчерашниот ден, премиерот Димитар Ковачевски во Брисел порача дека францускиот предлог, во форма каква што е во моментот, не е прифатлив за Северна Македонија.