Лидерите на Групата седум (Г-7) ќе разговараат за потенцијално ограничување на цената на руската нафта за време на нивниот тридневен состанок на Баварските Алпи што започнува денеска, иако многу од деталите за сложениот механизам остануваат неразрешени.
Обединетото Кралство, САД, Јапонија и Канада, исто така, планираат да го искористат самитот во Шлос Елмау за да ја објават забраната за увоз на ново злато од Русија, што според Британија ќе има огромно влијание врз способноста на претседателот Владимир Путин да ја финансира војната во Украина.
Официјалната агенда за денеска вклучува прашања од сферата на глобалната економија, инфраструктурата, инвестициите и надворешната и безбедносната политика, а планирани се и голем број билатерални состаноци, вклучително и меѓу германскиот канцелар и домаќин на самитот, Олаф Шолц и американскиот претседател Џо Бајден.
Русија на неколку часа од драматичен момент
На средбата нема да може да се избегне прашањето за рускиот банкрот, односно неможноста за отплата на обврзниците.
Грејс-периодот за околу 100 милиони долари пропуштени плаќања на обврзници, блокирани поради широките санкции, завршува в недела навечер. Нема да има официјална декларација, а Русија веќе го оспорува „банкротот“, но доколку инвеститорите не ги добијат своите пари до крајниот рок, од правен аспект, Русија ќе има проблеми што ги наметнува нереализираната отплата на меѓународни обврзиници.
Лидерите треба да разговараат за ограничување на цената на руската нафта
Преговарачите на Г-7 познати како „шерпаси“ одржале, како што изјави еден официјален претставник, интензивни разговори за ограничување на цената на руската нафта во пресрет на самитот.
Ваквиот механизам би поставил горна граница за увоз на нафта од Русија, која еднострано би ја наметнала секоја земја и со тоа би ја спречила Русија да продава по повисока цена. Тоа е, исто така, начин европските земји потенцијално да ја смират инфлацијата предизвикана од цените на енергијата додека се борат против економските последици од руската инвазија на Украина.
Сепак, останува прашањето како клучните купувачи на руска сурова нафта, како Кина и Индија, би можеле да бидат убедени да се придржуваат до ценовните ограничувања.
Една идеја, предложена од САД, е да им се овозможи пристап до осигурување за транспортот на нафта сè додека се согласуваат да не плаќаат повеќе од горната цена за нафтата на бродот. ЕУ претходно го забрани осигурувањето за транспорт на сурова нафта и нафтени деривати од Русија.
Забраната за руско злато ќе има глобален опфат
Поткрепена од централната улога на Лондон во трговијата со злато, забраната за увоз на руското злато ќе има глобален опфат, исклучувајќи го овој благороден метал надвор од формалните меѓународни пазари, се вели во соопштението на Обединетото Кралство.
Испораките меѓу Русија и Лондон паднаа на речиси нула откако беа воведени санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина. Здружението на лондонскиот пазар за злато, кое ги поставува стандардите за пазарот, ги отстрани руските преработувачи на злато од својата акредитирана листа во март.