Украина соопшти дека руските сили ја разнеле браната на хидроцентралата Каховка во јужна Украина, предизвикувајќи зголемување на нивото на водата што се заканува да ги поплави селата по должината на реката Днепар.
Десет села на западниот брег на Днепар и дел од градот Херсон се соочуваат со ризик од поплави, а населението е повикано да се подготви за евакуација, соопшти украинското министерство за внатрешни работи преку Телеграм.
„Водата ќе достигне критично ниво за пет часа“, истакна регионалниот гувернер Олександр Прокудин во видео објавено на неговиот канал на Телеграм.
Нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, која е окупирана од руските сили повеќе од една година, користи вода од резервоарот на хидроцентралата Каховка за ладење на реакторите.
Претседателот Володимир Зеленски го свика Советот за национална безбедност и одбрана на итен состанок во врска со нападот, објави на Фејсбук секретарот на Советот, Алексеј Данилов.
Браната е крената во воздух од руските сили, напиша на Фејсбук Јужната воена команда на вооружените сили на Украина. Степенот на штетите, промените во нивото на водостојот и подрачјата загрозени од поплави се проценуваат од рано наутро во вторникот.
Русија засега официјално не го коментира инцидентот. Украина во текот на изминатата година постојано предупредуваше дека Русија би можела да се обиде да ја разнесе браната за да ги спречи украинските сили да ја повратат територијата на југот на земјата што е окупирана од почетокот на февруари 2022 година, по инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин.
Уништувањето на браната, што би предизвикало недостиг од водоснабдување во околината, се случува кога Украина се подготвува да ја започне својата долгоочекувана контраофанзива против руските трупи, вклучувајќи ги и оние по должината на реката Днепар во регионот Херсон.