Поранешниот британски премиер Борис Џонсон поднесе оставка од функцијата пратеник во Парламентот, што веднаш стапува на сила.
Џонсон се бореше за својата политичка иднина поради парламентарната истрага за тоа дали го довел во заблуда Долниот дом кога рече дека биле испочитувани сите правила воведени поради коронавирусот.
Комитетот за привилегии на британскиот Парламент истражува дали Џонсон намерно ги довел во заблуда пратениците со изјавите што ги дал пред Долниот дом во декември 2021 година за забавите што се одржувале на Даунинг стрит за време на карантинот поради Ковид-19, а на кои присуствувал и тој самиот.
Во својот доказен документ од 52 страници, предаден на комисијата во март, Џонсон призна дека го довел парламентот во заблуда, но негираше дека го сторил тоа намерно.
Тој призна дека социјалното дистанцирање не било „совршено“ на собирите на Даунинг стрит 10 за време на карантинот.
Но, додаде, дека тоа биле „суштински“ работни настани со особена важност за кои тврдеше дека биле дозволени. Тој инсистираше на тоа дека упатствата - како што тој ги разбирал - биле следени во текот на целиот период.
„Многу е тажно што го напуштам Парламентот - барем засега“, рече Џонсон во изјавата.
„Ме избркаа мал број луѓе, без докази за поткрепување на нивните тврдења и без согласност дури и од членовите на Конзервативната партија, а камоли од поширокото гласачко тело“, оцени поранешниот британски премиер.