Модификуваниот француски предлог е транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која три елементи се битни и затоа предлогот во овој формат е прифатлив, изјави претседателот, Стево Пендаровски, по денешната седница на Советот за безбедност.
„Со тоа ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и дозволува формално отворање на преговорите. Остануваме на европскиот колосек, кој е долг, а до овој момент не губиме ништо и сега е време да го отвориме стратешкиот дијалог овде“, рече шефот на државата.
Пендаровски смета дека со прифаќањето на модификуваниот француски предлог би се донела одлука само да ги отвориме преговорите со ЕУ. Одлуката да се прифати предлогот, според него, нема да биде ниту историски триумф, ниту историски неуспех или дебакл.
Според претседателот, целата ситуација е со исклучително високи политички тензии во земјата, но не верува, како што рече, дека ова е судбинска дилема да се биде или не и за нацијата и за државата, ниту одлука која ќе ги дефинира идните генерации Македонци и македонски граѓани.
Нагласи дека очекува откако предлогот ќе влезе во Владата, да се донесат владини заклучоци во случај да се прифати.
„Со една реченица плус, да се повтори во извештајот на Владата до Парламентот, а тоа е дека - од денот кога ќе почнат преговорите, па сè до нивното завршување, кога и да е тоа, ако има какви било дополнителни обиди, од бугарска или чија било страна, повторно да се спомнува македонски идентитет, историја, јазик, во истиот момент самите да се повлечеме од тие преговори“, посочи претседателот.
Тој изрази уверување дека во неговите разговори со високи европски и светски претставници нема добиено впечаток дека сакаат да го разнебитат макеоднскиот народ и држава.