Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, е во еднодневна посета на Скопје, каде оствари одвоени средби со државниот врв.
На средбата со претседателот, Стево Пендаровски, двајцата соговорници се согласиле дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на Северна Македонија.
„Соговорниците разменија мислења во контекст на загриженоста која постои кај граѓаните во однос на идентитетските прашања, за што претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на ЕУ“, се наведува во соопштението за средбата.
На состанокот меѓу претседателот на Европскиот совет и премиерот, Димитар Ковачевски, било констатирано дека европскиот предлог за отпочнување на преговорите за Северна Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки.
Предлогот предвидува чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици на земјите членки на ЕУ, потенцирале двајцата соговорници.
Мишел нагласил дека отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Северна Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан.
Во рамки на посетата, претседателот на Европскиот совет ќе присуствува на денешната владина седница, а потоа со премиерот Ковачевски ќе одржат заедничка прес-конференција.
За вечерва најавен е уште еден во серијата протести против францускиот предлог, кој според најавите треба да започне во 19 часот пред Владата, а потоа ќе продолжи преку Министерството за надворешни работи до државното Собрание.