Доналд Трамп во неделата најави дека ќе ги прескокне првичните дебати против другите републикански претседателски кандидати, цитирајќи нова анкета што покажува дека има голема предност пред неговите ривали за номинацијата од Републиканската партија.
Објавата на неговата платформата Трут (Truth Social) дојде неколку дена пред првата претседателска дебата во рамките на партијата, во Милвоки, и им стави крај на повеќенеделните шпекулации дали тој ќе учествува. Неговата објава сигнализира дека тој веќе го насочува своето внимание кон можниот натпревар против претседателот Џо Бајден на генералните избори.
Трамп укажа на истражувањето на „Си-би-ес њуз“ (CBS News) објавено во неделата, посочувајќи дека „води на теренот со 'легендарни' бројки“. Тој продолжи да ги исмева своите противници, особено гувернерот на Флорида, Рон Десантис, за заостанувањето на анкетите и ги фалеше неговите претседателски достигнувања, пред да додаде со сите големи букви дека затоа „НЕМА ДА УЧЕСТВУВАМ ВО ДЕБАТИТЕ!“.
Трамп има најголемо водство досега на полето на Републиканската партија
Во својата објава на платформата, Трамп не открива што ќе прави за време на дебатата, закажана за 23 август, во 21 часот по локално време. Поранешниот претседател се очекува да се појави во интервју со поранешниот водител на „Фокс њуз“ (Fox News), Такер Карлсон, што може да се совпадне со настанот, иако портпаролот во петокот рече дека плановите не се финализирани.
Интервјуто со Карлсон, кој излезе од „Фокс њуз“ претходно годинава, ќе биде приказ на непочитување кон мрежата, која е домаќин на дебатата в среда. Трамп во последните денови ја критикуваше телевизијата во однос на покривањето на неговата кампања.
Трамп прескокна неколку настани во државите со рано гласање, како Ајова и Њу Хемпшир, кои се сметаат за важни за привлекување партиски активисти. Тој викендов не беше поканет на настан во Атланта, чиј домаќин беше радиоводителот Ерик Ериксон, а вклучи шест други кандидати, меѓу кои и Десантис.