Претседателот Владимир Путин повика на чекори за контрола на одливот на капитал од Русија и намалување на нестабилноста на финансиските пазари, предупредувајќи на заканата од раст на цените по падот на рубљата.
Владата и Банката на Русија „треба да работат, меѓу другото, да ја ограничат непродуктивната, шпекулативна побарувачка во економијата, да го контролираат одливот на капитал и да го следат однесувањето на другите учесници на финансискиот пазар“, рече Путин вчера. Главната задача сега е да се следи инфлацијата, а службениците треба „активно да ги користат алатките со кои располагаат“, рече тој.
Рубљата, третата валута со најлоши резултати оваа година на пазарите во развој, минатата недела загуби од својата вредност и надмина 100 рубљи во однос на доларот. Тоа ја принуди централната банка да свика итен состанок за да ја зголеми референтната стапка за 3,5 процентни поени на 12 отсто од 8,5 отсто. Властите, исто така, усвоија неформални мерки за контрола на капиталот.
Зголемувањето на каматните стапки е исто така дел од пошироките напори за спречување на инфлацијата пред претседателските избори закажани за март, велат извори запознаени со ова прашање.
Инфлацијата во јули забрза на 4,3 отсто. Централната банка ја зголеми основната стапка на редовниот состанок минатиот месец за прв пат по инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Гувернерката на Банката на Русија, Елвира Набиулина, го издвои влошувањето на надворешната трговија како главна причина за слабеењето на рубљата и ја припиша побрзата инфлација на повисоките државни трошоци и недостигот на работна сила предизвикани од големите воени трошоци.
Путин ги призна поделбите во владата и централната банка во однос на економската политика, откако рубљата потона на најниските нивоа забележани во неделите од почетокот на инвазијата.
„Но, досега секогаш наоѓавме консензус, ќе го најдеме и сега“, рече тој