Британскиот премиер, Борис Џонсон, се согласил да поднесе оставка од функцијата премиер и да даде изјава за одлуката во текот на денот, пренесува Bloomberg повикувајќи се на официјални извори.
Според информациите, пратениците веќе се изјаснуваат кого ќе поддржат во лидерската трка.
Пратеникот Џорџ Фримен на „Твитер“ напиша дека „премиерот конечно направил пристојна работа“ во моменти кога се очекува Џонсон да го одржи својот говор.
За ваквата одлука пишува и Би-би-си, а истата уследува по низа оставки на британски министри кои ја потресоа владата.
На одлуката големо влијание има и организирањето на прослави за време на пандемијата, кои предизвикаа револт во јавноста. Досега 27 членови на кабинетот на Џонсон поднесоа оставки, барајќи негово заминување.
Британскиот премиер долго време даваше отпор, но изворите велат дека одлулил да се повлече кога неговиот нов министер за финансии, назначен пред помалку од 48 часа, Надим Захави, порача дека премиерот мора да отстапи.
Според информациите до кои дојде Bloomberg, Џонсон ќе остане привремен лидер до октомври, a раните прогнози покажуваат дека министерката за трговија, Пени Мордонт, ја предводи трката за негов наследник.