Американските разузнавачки агенции добиваат сопствена алатка во стилот на ЧетГПТ (ChatGPT) за да чешлаат големи количества јавно достапни информации во потрагата по докази.
Централната разузнавачка агенција се подготвува да имплементира функција слична на сега познатата програма на „Опен еј-ај“ (OpenAI Inc.), која ќе користи вештачка интелигенција за да им овозможи на аналитичарите подобар пристап до податоци со отворен код, велат претставници на агенцијата. Наскоро разузнавачките агенции ќе добијат своја алатка за вештачка интелигенција.
„Отидовме од весници и радио до весници и телевизија, до весници и кабелска телевизија, до основен интернет, до големи податоци, и тоа само продолжува“, вели во интервју Ренди Никсон, директор на надлежниот оддел на агенцијата. „Мораме да ги најдеме иглите во полето со игли“.
Ова е дел од пошироката владина кампања за искористување на моќта на вештачката интелигенција и трка со Кина, која се обидува да стане глобален лидер во областа до 2030 година. Ваквиот исчекор на САД се поврзува со борбата на разузнавачката заедница да ги обработи огромните количества податоци што сега се јавно достапни, во услови на критики дека бавно го искористува тој извор.
Алатката за вештачка интелигенција на ЦИА ќе им овозможи на корисниците да го видат оригиналниот извор на информациите што ги следат, појасни Никсон. Тој рече дека функцијата за чет е логичен дел за побрза обработка на податоците.
„Тогаш можете да исчекорите на следното ниво и да започнете да разговарате и да им поставувате прашања на машините што ви даваат одговори, за кои исто така се наведени изворите“, рече Никсон, чиј оддел ги надгледува разузнавачките информации добиени од јавно и комерцијално достапни извори. „Нашата колекција може да продолжи да расте и да расте без никакви други ограничувања освен колку чини технологијата“.
ЦИА не соопшти каков модел ќе користи за да ја поткрепи својата нова алатка или како ќе ги заштити информациите од протекување на отворениот интернет, нешто што големите претпријатија сè уште се борат да го обезбедат со воспоставување т.н. заштитни огради. Агенцијата во последниве години го истакнува своето проширување на партнерствата во технолошкиот сектор.
Пошироката цел на разузнавачката заедница за користење информации со отворен код исто така отвори прашања за заштита на приватноста.
Канцеларијата на директорот на националното разузнавање ја означи загриженоста дека разузнавачките агенции се насочуваат главно кон нерегулирани комерцијални пазари за да дојдат до податоци за многу луѓе, вклучувајќи и информации за нивната локација собрани од мобилните телефони. Разузнавачката заедница ги класифицира таквите информации како информации со отворен код, дури и ако се достапни само од владите.
„Скалата на тоа колку собираме и од што собираме астрономски порасна во последните 80 години, толку многу што ова може да биде застрашувачко и понекогаш неупотребливо“, рече Никсон. Тој додаде дека алатката за вештачка интелигенција ќе им овозможи на аналитичарите да се префрлат на процес „во кој машините ги филтрираат вистинските информации, процес во кој машината може автоматски да резимира и да ги групира поврзаните податоци“.