Кинескиот претседател Шји Џјинпинг во понеделникот се состана со делегација на американски сенатори во Пекинг, неколку часа откако лидерот на мнозинството Чак Шумер го осуди ставот на Пекинг за израелско-палестинскиот конфликт.
„Ве повикувам вас и народот на Кина да застанете со народот на Израел и да ги осудите кукавичките и злобни напади против него“, му порачал Шумер на Шји за време на состанокот на кој присуствуваше со двопартиска група американски сенатори.
„Ова го кажувам со почит, но морам да признаам дека бев разочаран од изјавата на министерот за надворешни работи, на која ѝ недостига емпатија или поддршка за израелскиот народ за време на оваа трагедија“, додаде тој.
Претходно во текот на денот Шумер се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, каде што исто така го критикуваше одговорот на Пекинг за нападот на Хамас врз Израел. Ненадејната ескалација на насилството на Блискиот Исток се заканува да додаде поголема тензија на состанокот што требаше да ги подобри врските меѓу Кина и САД.
Ванг ѝ рече на делегацијата од американски сенатори, предводена од Шумер и републиканскиот сенатор Мајк Крапо, дека се надева дека нивната посета ќе ги врати односите на вистинскиот пат.
Американскиот политичар беше во Кина кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прогласи дека неговата земја е „во војна“ откако милитантите од Појасот Газа истрелаа повеќе од 3.000 ракети врз јужните делови на Израел рано во саботата. Вкупниот број на загинати од нападот на Хамас и израелските воздушни напади врз Газа се искачи на повеќе од 1.100.
Кинеското министерство за надворешни работи во неделата повика на итен прекин на огнот и ја повтори својата поддршка за независна палестинска држава. Во соопштението не се споменува Хамас, а настаните од викендот се опишани како „ескалација на тензиите и насилството меѓу Палестина и Израел“.
Шумер изрази разочарување од одговорот на Кина, откако посочи дека обезбедувањето „економски реципроцитет“ е главната цел на патувањето на американската делегација.
„САД не сакаат одвојување. Ние сакаме кинескиот народ да има добри економски можности. Тоа би било добро и за Америка, но Кина исто така мора да обезбеди еднакви услови за американските компании и работници“, рече тој на средбата со Ванг во дипломатска резиденција. „Повеќето Американци, вклучувајќи ја и нашата делегација, не веруваат дека тоа е случај во моментов“.
Другите прашања на агендата се однесуваат на улогата на кинеските компании во таканаречената криза со фентанил во САД и човековите права. Шумер исто така му рекол на Ванг дека сака да се увери дека Кина не ги поддржува воените напори на Русија во Украина.
„Се надевам дека оваа посета ќе ѝ помогне на американската страна попрецизно да ја разбере Кина, да ја види Кина пообјективно и да се справи со постојните разлики порационално, за да им помогне на кинеско-американските односи да се вратат на патеката на здрав развој“, рече Ванг.
Пред да пристигнат во Пекинг, сенаторите се сретнаа со американски бизнисмени во Шангај, каде што разговараа за прашањето за фер конкуренција за некои американски компании што работат во Кина.
Претседателот Џо Бајден испраќа релативно голем и постојан број владини претставници во Пекинг од јуни, во обид да ги стабилизира врските меѓу двете најголеми економии во светот. Случувањата ги поттикнаа надежите дека Шји и Бајден би можеле да се сретнат во САД следниот месец. Белата куќа ги охрабри сенаторите да одат, изјави за „Блумберг“ лице запознаено со плановите пред нивното заминување.
Шумер и Крапо исто така планираа да отворат прашања во име на „Микрон“ (Micron Technology Inc), која е со седиште во државата Ајдахо на Крапо и гради голема фабрика за производство на чипови во Њујорк, од каде што е Шумер.