Британскиот премиер Риши Сунак го именува поранешниот премиер Дејвид Камерон за министер за надворешни работи, што медиумите го пренесуваат како шокантен потег што следува по разрешувањето на министерката за внатрешни работи Суела Браверман.
Камерон на функцијата шеф на британската дипломатија ќе го замени Џејмс Клеверли, кој сега доаѓа на чело на Министерството за внатрешни работи.
Министерот на финансии Џереми Хант ја задржува својата функција.
Сунак ја отпушти Браверман откако таа му се спротивстави на неговиот авторитет во однос на полициското справување со пропалестинските маршеви и беше обвинета за поддршка на екстремно десничарскиот контрапротест, кој во саботата стана насилен. Потоа тој направи рокада со Клеверли, претходно министер за надворешни работи, кој ќе ја замени Браверман, и го доведе Камерон.
Владејачката Конзервативна партија во изјава цитирана од ДПА објасни дека целта на Сунак е да го зајакне својот тим „за да постигне долгорочни решенија за посветла иднина“.
Сепак, потегот на Сунак наиде на различни реакции кај различни крила на неговата партија, при што некои центристи го поддржаа изненадувачкото назначување, а повеќе десничарски ториевци се спротивставија. Поранешната премиерка Тереза Меј на платформата X напиша дека меѓународното искуство на Камерон ќе биде „непроценливо“.
Сепак, поранешниот министер за бизнис Џејкоб Рис-Мог, кој го поддржа брегзит, се запраша дали назначувањето на Камерон - кој водеше кампања за останување на Британија во ЕУ - ќе антагонизира некои ториевци.