Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Шји Џјинпинг постигнаа низа договори за време на разговорите што се одржаа за стабилизирање на турбулентните односи, затегнати од економската конкуренција и од погрешните воени и дипломатски чекори.
Состанокот на шефовите на двете најголеми светски економии, на маргините на форумот за азиско-пацифичка економска соработка во Калифорнија, во средата траеше повеќе од четири часа.
И двајцата имаа причина да ги поттурнат односите напред. Шји се бори со економската премаленост дома, при што странските инвеститори се вознемирени од напнатите врски со најголемата светска економија. Бајден се обидува да го стабилизира глобалното опкружување пред изборите, кои ќе бараат негов фокус дома.
Но не беше постигнат консензус за сè. Кина им порача на САД дека нејзините територијални амбиции кон Тајван се „незапирливи“ и побара од Вашингтон да престане да го вооружува островот што Пекинг го гледа како свој. Американските власти извршија притисок врз кинеските колеги да разговараат за конфликтот меѓу Израел и Хамас со Иран.
Ги истакнуваме најголемите договори:
1. Работна група за наркотици
Двете земји ќе ја зајакнат соработката во напорите за борба против наркотици. Кина се согласи да ги запре пратките на хемиски состојки за фентанил и преси за таблети, кои ги заобиколуваат постојните ограничувања. Шји и Бајден исто така се согласија да ги координираат политиката и активностите за спроведување на законот понатаму.
САД рекоа дека групата ќе се „бори против глобалното незаконско производство и трговија со дрога“, особено фентанил.
Заднина: Фентанилот поттикна јавна здравствена криза, при што во САД секојдневно умираат повеќе од 150 луѓе од предозирања поврзани со синтетички опиоиди, според Центрите за контрола и превенција од болести.
Проблемот оптовари повеќе американски претседатели. Поранешниот претседател Доналд Трамп во 2018 година склучи договор со Шји според кој Кина го класифицира лекот како контролирана супстанција, но епидемијата со фентанил само се влоши оттогаш.
Прочитајте повеќе: Како Кина употребува дрога за да војува со САД
Не е јасно дали Кина обезбеди ветување од Вашингтон за укинување на ограничувањата на кинескиот институт за форензичка полиција како дел од договорот, како што беше објавено пред состанокот. САД тврдат дека институтот е одговорен за прекршување на човековите права.
2. Обнова на воената размена на највисоко ниво
Вашингтон и Пекинг се согласија да ги вратат разговорите на високо ниво меѓу двете армии - и двајцата лидери ветија дека ќе одржат отворена линија на комуникација еден со друг кога ќе се појават проблеми. Според планот, ќе продолжат редовните консултации со министерот за одбрана Лојд Остин - како и разговорите за координација на одбранбената политика на Кина и САД и воениот поморски договор Кина - САД.
Официјалните лица рекоа дека тие промени треба да значат враќање на состаноците и телефонските разговори меѓу командантите и да ги намалат шансите за грешки.
Заднина: Кина минатата година суспендира два канала - едниот што овозможува комуникација меѓу операторите на бродови и авиони, а другиот серија редовни координативни состаноци меѓу високи воени претставници, во знак на протест поради посетата на Ненси Пелоси на Тајван. Пекинг ја предупреди Пелоси, првиот претседател на Претставничкиот дом во четвртина век што отиде на островот, да не ја посетува земјата. Кина го смета Тајван како нејзина територија што треба да биде вратена, па и со сила доколку е потребно.
Кина годинава постојано ги отфрлаше барањата на Вашингтон за Остин да се сретне со нивниот министер за одбрана, наведувајќи ги американските санкции врз функционерот како пречка за таквите разговори. Ненадејното отпуштање на Ли Шангфу минатиот месец, сепак, му го отвори патот на Пекинг да назначи несанкциониран министер. Воените врски на пониско ниво веќе беа обновени во последниве месеци.
3. Дијалог за вештачката интелигенција
САД и Кина се согласија за работна група што ќе отвори дијалог за вештачката интелигенција, при што Вашингтон ја истакна потребата од подобрени заштитни мерки за технологијата што доаѓа.
Заднина: Брзото усвојување на вештачката интелигенција веројатно ќе има огромни последици за различни индустрии.
Висок претставник на администрацијата претходно изјави дека Белата куќа е загрижена за кинеската употреба на вештачката интелигенција, особено за воени цели. Бајден исто така ја истакна потребата да се заштити американската интелектуална сопственост. Сепак, САД остануваат подготвени да соработуваат со својот ривал по однос ова прашање, рече функционер што сакаше да остане анонимен.
Американската потпретседателка Камала Харис и Ву Жаохуи, заменик-министер на кинеското министерство за наука и технологија, присуствуваа на самитот за безбедност во областа на вештачката интелигенција што се одржа во Британија во текот на месецов.
4. Зголемен број авионски патувања на почетокот на следната година
Земјите имаат цел да го зголемат бројот на директни летови меѓу нивните територии.
Заднина: Летовите меѓу двете земји, кои во просек изнесуваа 340 неделно пред ковид-19 да го затвори светот во карантин, се бореа да постигнат закрепнување по укинувањето на пандемиските контроли.
Од неодамна има одреден напредок. Американските власти минатиот месец рекоа дека летовите меѓу САД и Кина ќе се зголемат на 70 неделно, почнувајќи од 9 ноември. Сега се чини дека следната година ќе има повеќе летови.
5. Размена на луѓе
Двете страни го поддржаа проширувањето на образовните, студентските, младинските, културните, спортските и деловните размени.
Заднина: Студентите, новинарите, официјалните лица и членовите на кинеската Комунистичка партија се заробени со визните ограничувања наметнати од двете земји, бидејќи билатералните врски се влошија. Странските деловни директори исто така во последниве години се жалат на тешкотии при слетувањето во Кина поради ограничувањата поврзани со ковид.
Бајден ја задржа изјавата на Трамп за забрана на визите за илјадници студенти на постдипломски студии и истражувачи за кои се смета дека имаат врски со воените училишта во Кина.
И двете земји во 2020 година ги протераа новинарите од другата страна, а оние што останаа често беа ставани на краткорочни дозволи додека владите не ги олеснија ограничувањата една година подоцна.