Италијанското движење Пет ѕвезди нема да гласа за доверба на Владата на чело со Марио Драги. Тоа ја прави поизвесна оставката на премиерот и може да доведе до предвремени избори.
Џузепе Конте им рече на пратениците дека неговото Движење пет ѕвезди, втората по големина партија во коалицијата на Драги, не планира да гласа за доверба на владата. Кабинетот го одложи гласањето поради економските стимулативни мерки, а Драги посочи дека ќе се повлече без поддршката на Конте.
Овие предизвици ја затекнаа Италија во средината на енергетската криза предизвикана од одлуката на Русија да испорачува помалку гас во Европа, што ги зголеми стравувањата од рецесија. Европската унија, чии индустрии зависат од рускиот гас, најверојатно ќе ги намали проекциите за економски раст за оваа и следната година.
„Ние сме апсолутно подготвени да обезбедиме конструктивна поддршка на оваа влада и на премиерот Драги, но не можеме да им дадеме одврзани раце“, рече Конте во средата вечерта по средбите со коалициските партнери и пратениците. „Ова не е ароганција, туку грижа за семејствата и бизнисите“, додаде тој.
Колапс на коалицијата
Драги, кој е на чело на италијанската технократска влада од почетокот на минатата година, и претседателот Серџо Матарела би можеле да се сретнат уште денеска со цел Драги да поднесе оставка. Падот на коалицијата може да доведе до предвремени избори, но ова е исход што повеќето политички партии би сакале да го избегнат.
Една од можностите е Матарела да му понуди на Драги да остане на функцијата и повторно да преговара со партиите во коалицијата за да утврди дали сè уште ја има нивната поддршка. Драги потоа би можел да побара гласање за доверба за да утврди колкава поддршка има.
Сите други партии во владејачката коалиција, вклучително и Демократската партија, која е најпознат сојузник на Драги, побараа од владата повторно да ја процени колкава поддршка има.
Популарноста на Движењето пет ѕвезди се намали откако влезе во владејачката коалиција, а пратениците вршеа притисок врз Конте да ја напушти алијансата.
Повик за реформи
Конте ја критикуваше владата, велејќи дека не обезбедила доволно средства за да им помогне на бизнисите и домаќинствата поради зголемените цени на енергенсите. Тој ја повика владата да го зголеми дефицитот, а како негативна ја оцени одлуката за изградба на фабрика за преработка и согорување отпад во Рим.
Иако Драги може да освои мнозинство во Горниот дом на парламентот со поддршка на Демократската партија и Северната лига, одлуката на Конте да ја напушти коалицијата би ја променила политичката рамнотежа.
Лидерот на Северната лига, Матео Салвини, кој исто така е меѓу критичарите на власта, повика на предвремени избори, а го потврди и сојузот со партијата Напред Италија на чело со Силвио Берлускони.
Драги со месеци е под притисок на повеќе партии од коалицијата кои сметаат дека реформите не треба да бидат толку драстични и дека е неопходна реконструкција на Владата.