Екстремно десничарската холандска Партија на слободата освои најголем број парламентарни претставници на изборите во средата, а нејзиниот лидер Гирт Вилдерс најави дека има намера да ја води идната влада.
Партијата на Вилдерс, според првите резултати, освоила 37 пратенички места, 12 повеќе од коалицијата на лабуристите и зелената левица на до неодамна потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.
Трета со 24 пратенички места е Народната партија за слобода и демократија, која до неодамна ја предводеше премиерот во заминување Марк Руте, а сега ја води Дилан Јесилгоз-Зегериус.
Само еднаш во поновата историја лидерот на партијата со најмногу места во парламентот не беше премиер.
Победата на Вилдерс е предизвик за Европската Унија (ЕУ). Тој им ветуваше на гласачите обврзувачки референдум за напуштање на ЕУ и се противи на политиките на ЕУ за низа прашања, како што се климатските промени и имиграцијата.
„Надежта на Холанѓаните е да ја вратат контролата врз својата земја“, изјави Вилдерс по резултатите од анкетите.
Но, дали Вилдерс ќе биде премиер зависи од неговата способност да формира коалиции со ривалите поблиску до центарот. Во својот говор по изборните резултати, Вилдерс повика на коалиција со партијата на премиерот во заминување.
Прашањето за имиграцијата го подели холандското гласачко тело и ја зголеми поддршката за Вилдерс, кој со децении зборува на оваа тема. Шеесетгодишникот е познат по своите антиисламски ставови и живее под полициска заштита од 2004 година поради смртни закани.
Не е чудно што унгарскиот премиер Виктор Орбан побрза да му честита на Вилдерс.
„Вообичаено е победничката партија да има предност во формирањето нова влада. Вилдерс би можел да стане нов премиер“, вели професорот по политички науки на Универзитетот во Гронинген, Стефан Куперус.
Вилдерс силно профитираше од последните настапи во кампањата и од одбивањето на Јесилгоз-Зегериус јасно да ја одбие соработката со него. Таа пред изборите посочи дека можеби ќе оди во коалиција со Вилдерс, иако по изборните резултати рече дека не е сигурна дека нејзиниот ривал ќе има доволно гласови за премиерската функција.
„Господинот Вилдерс не може да постигне мнозинство. Но, во секој случај, топката сега е на негов терен“, рече таа. За мнозинство во парламентот е потребна поддршка од 76 пратеници.
Ако Вилдерс заврши како премиер, тоа веројатно ќе го донесе евроскептицизмот во самото срце на ЕУ, со оглед на тоа што Холандија е еден од неговите основачи. Тој повика на излез од меѓународните обврски за климата и побара прекин на помошта за Украина, спротивно на она што го правеше Марк Руте.
Но, иако кампањата спомна забрана на Куранот и затворање џамии, Куперус смета дека Вилдерс сепак испраќал поумерени пораки отколку во претходните години.
Вилдерс беше член на парламентот 25 години и накратко ја поддржа првата влада на Марк Руте помеѓу 2010 и 2012 година. Руте подоцна се откажа од таа соработка по навредливите коментари на Вилдерс за луѓето од мароканско потекло.
Веројатно владата во заминување на Руте ќе остане на функција уште некое време. По претходните избори, на четирите партии им беа потребни девет месеци да склучат коалициски договор за владата.