Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи се дека ќе направите уште ден чекор кон нашата Унија. Денеска сум овде, затоа што верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина во ЕУ, со Северна Македонија како полноправна членка, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање пред пратениците во Собранието, во рамки на 80. пленарна седница.
„Вашата држава е кандидат да стане земја членка на ЕУ од 2005 година, а многумина од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно да станете членка на ЕУ, но сега сите мора да го свртиме погледот напред и мора да ја искористиме можноста пред нас да ги започнеме пристапните преговори и да работиме заедно на патот што ве води кон ЕУ“, истакна шефицата на ЕК.
Таа го посочи договорот од Преспа како пример за храброст кој го отворил патот за членство во НАТО.
„Почитувани пратеници многумина од вас ќе бидат фрустрирани што вашата држава уште не ги започнала пристапните преговори. И јас сум исто така. ЕК препорачува отворање на преговорите во последните 13 години и се разбира дека ќе бидете фрустрирани што отворањето на преговорите со ЕУ не се случи веднаш по Договорот од Преспа. Ова беше горчливо, но никогаш не се откажавте и ние сите заедно никогаш не се откажавме. Заедно го следевме нашиот сон за една Европска Унија и заедно ќе го претвориме овој сон во реалност“, порача Фон дер Лајен.
Таа посочи дека почетокот на пристапните преговори земјата може да го направи веќе следната недела, со преземање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог.
„Сите сте свесни и запознаени со овој ревидиран предлог. Ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите на сите страни. Бидете уверени дека ЕК секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна и продолжува да стои на ваша страна“, порача Фон дер Лајен.
За време на обраќањето на Фон дер Лајен пратениците од опозицијата извадија транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“ и други.
На седницата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, со кои претседателката на Европската комисија претходно имаше и одвоени средби. Покрај тоа, забележиливо беше присуството и на високи претставници од земјава и странство.
По завршување на седницата, Собранието ќе ја одржи и 81. пленарна седница, на која пратениците ќе расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, по што ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.
Пред Собранието, пак, денеска напладне почна протестот против францускиот предлог.
„Македонци уште се борат за своите правдини“, „Слободна ја сакаме, не сакаме протекторати“, „Стоп за бугаризација“ се дел од пораките на учесниците на протестот, кои се собраа со знамиња и транспаренти, а присутен е и претседателот на Левица, Димитар Апасиев.