Издавањето словенечки обврзници на јапонскиот пазар е одложено за следната година, потврди министерот за финансии на Словенија, Клемен Боштјанчич, за телевизијата „Блумберг“. „Причина зошто не го направивме тоа годинава, како што предвидовме пред една година, се пред сè многу добрата ликвидност и моменталната позиција“, објасни тој. Во интервјуто, меѓу другото, тој открива до каде стигнале преговорите меѓу европските земји во однос на новите фискални правила, но и колку Словенија финансиски ѝ помага на Украина.
Можете ли да ги објасните плановите на Владата за дополнително оданочување на стопанството и на банките?
Боштјанчич: Причина за дополнителниот данок се поплавите во кои штетите со индиректните трошоци се проценуваат на близу 10 милијарди евра. Зборувам за пет до 15 проценти од нашето БДП. Веднаш ги сменивме приоритетите, финансирањето на трошоците што беа предизвикани од поплавите стана приоритет. По доста долга дебата со различни институции, се одлучивме за два данока, односно оданочување на вкупниот биланс на банките (со стапка од 0,2 процента) и зголемување на данокот на добивката на правните лица (од 19 на 22 процента).
Повеќе и поголеми даноци секогаш предизвикуваат критики. Дали сте загрижен дека ова ќе има страничен ефект што ќе ѝ наштети на економијата? Ќе има ли помалку инвестиции затоа што компаниите сметаат дека треба да го затегнат ременот?
Боштјанчич: Новите даноци секогаш се критикуваат, но не, одговорот е не. Вложивме многу труд, направивме многу анализи, кој дополнителен данок ќе има најмало влијание врз економијата. Само од оданочувањето на билансниот вкупен износ на банките во следните пет години, претпоставуваме дека во државната каса ќе влезат нешто помалку од половина милијарда евра. Од друга страна, само добивката на банките во Словенија годинава ќе биде поголема од една милијарда евра, за што најмногу придонесуваат повисоките приходи од камати.
ЕУ подготвува нова програма за помош на Украина. Каков е ставот на Словенија за тоа?
Боштјанчич: Словенија е еден од најголемите поддржувачи на Украина од почетокот на војната. Ние сме на врвот на земјите и по ресурси, односно парична и друга помош за Украина, мерено според БДП по жител. Во иднина исто така имаме намера да ја поддржиме Украина во однос на новите финансиски инструменти што сега ги воведува Европската комисија. Тоа е инструмент што ќе одговори на променливите потреби за краткорочно закрепнување и среднорочни потреби за модернизација на Украина. Од друга страна, и она што е многу важно, сметаме дека овој инструмент ќе донесе дополнителна транспарентност и предвидливост во однос на потребните ресурси.
Планиравте да издадете некои државни обврзници во Кина и во Јапонија и оваа есен. Дали ги одложивте или откажавте аукциите?
Боштјанчич: Прашањето за издавање обврзници во Јапонија останува. Веројатно ќе се случи следната година. Причина зошто не го направивме годинава, како што планиравме уште лани, се пред сè многу добрата ликвидност и моменталната позиција.
Второ, се обидуваме на крајот на годината да го намалиме дефицитот под 70 отсто од БДП. Затоа ги одложивме аукциите за следната година. Сè уште сме неопределени за Кина, но го истражуваме и тој пазар. Сакаме да ги истражиме сите опции и да бидеме подготвени за евентуална нова финансиска криза. Ова е исто така зошто е важно да се прошират ризиците.
Целото интервју овде