Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, сите проблеми со кои се соочува Балканот потекнуваат од Западот, уште од времето на распаѓањето на поранешна Југославија.
„Не сум голем експерт за македонско-бугарските односи, можам само да кажам дека луѓето во Македонија имаат целосно право да бидат еднакви во сите активности на нашиот заеднички континент. И не само за односите меѓу Бугарија и Македонија туку за сите балкански земји, би рекол дека коренот на сите балкански проблеми лежи во однесувањето на западните сили, особено за државите од поранешните југословенски држави. Се сеќавам дека со години Македонија беше нарекувана Поранешна југословенска Република Македонија и тоа беше понижувачко име, а знаеме и што се случи со името Северна Македонија. Се сеќавам и дека претседател на македонското собрание имаше фотографии со албанско знаме, направени во канцеларијата во парламентот“, рече Лавров.
Според него, Западот отсекогаш имал интерес да ги подбуцнува народите едни против други.
„Уверен сум дека народите на Балканскиот Полуостров минаа тешки историски премрежиња, имаат заеднички код и не смеат да бидат поразени и да му дозволат на Западот да станат непријатели едни со други“, рече Лавров.
Тој рече дека ги охрабрува етничките групи на Балканот да живеат мирно и да ги сузбијат сите националистички амбиции. Тој ги повика и да не се приклучуваат кон санкциите кон Русија, само, како што рече, за да исполнат одредени западни амбиции.
Тој кажа дека заминувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, пред неговото пристигнување во Скопје било со цел да се изолира Русија.
Лавров смета дека нема шанса за спас на ОБСЕ.
„Организацијата се претвори во нешто кон кое сум индиферентен. Индиферентен сум за исходот од денешната сесија“, изјави Лавров.